Груевски: Аболицираниот Заев ќе пропадне во сопствената кал

СДСМ со толку насобран гнев, заборавија до ДИК да достават барање да се разгледаат евентуални нерегуларности во изборите кои сакаат да ги оспоруваат, бидејќи доживеаја и ќе доживеат пораз.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на оваа тема говореше на вечерашниот митинг во скопската општина Бутел.

„Толку им е паметот, толку е насобран тој гнев, толку е нервозата насобрана што забораваат и лагите да ги поткрепат со алиби. Го гледам аболицираниот криминалец кој деновиве се обидува мене и ВМРО-ДПМНЕ да не претстави како криминалци, да не оцрни со фрлање кал врз нас. А не знае дека на 27-ми ќе пропадне во сопствената кал, во калта која ја носи со себе“, рече Груевски.

Груевски ги искоментира анкетите кои излегоа пред самите избори, посочувајќи дека најголемата анкета е на денот на изборите, кога граѓаните одлучуваат. Уште пет дена, рече, ќе ги слушаме СДСМ, но опозицијата конечно ќе свати дека не може да манипулира со народот.

„Реков и повторно ќе кажам, тоа се очајнички чекори на очајни луѓе кои ќе ги слушаме уште 5 дена како ќе викаат, монтираат, ќе се силат и ќе вадат фалсификати и на 27-ми кога ќе видат дека не можат да го изманипулираат народот кој има искуство и сите не познава и не одмерил кои сме и што сме, ама и нив ги одмерил во минатото, кога ќе го видат судот на народот, од 28-ми ќе се зграпчат меѓу себе да се обвинуваат, кодошат и монтираат во СДСМ, нема да може да ги разделиме“, истакна Груевски.