Груевски: Ако планираат се’ да попуштат, тогаш не им требаме ние

Што се однесува до името, ние би можеле да имаме конструктивна улога доколку владата планира реални и суштински разговори, а не капитулација и прифаќање на сите позиции на другата страна, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во интервјуто за „Република“.

-Ако планираат се да попуштат, тогаш не им требаме ние, ниту пак сакаме да сме дел од тоа. За жал, мене работите ми личат дека марионетската власт во Македонија е спремна да прифати се што бара Грција. Буквално се’. Како договорот со Бугарија. Нема да има суштински разговори, туку разговори како да се регулираат односите со јавноста во двете земји, во смисла да се контролира и ограничи степенот на триумфализам во Грција, а да се најде начин во Македонија капитулацијата по ова прашање да се претстави како голем успех, со одбран вокабулар, потврда за истотото да дојде од надворешните фактори и меѓународната заедница, дефокусирање на јавноста со други теми и со напад и малтретирање на опозицијата и на сите што мислат различно, зауздување на медиумите во Македонија во правец да го развеселат народот дека нешто многу добро се случило, најава дека ќе дојдат многу грантови и пари, и дека ќе влеземе во НАТО и ќе почнеме преговори со ЕУ, вели Груевски.

Тој додава дека евентуално може ќе се обезбеди или најави некоја инвестиција, во поткрепа на тоа дека доаѓаат добри времиња.

-Откако ќе заврши периодот на бајки, најверојатно единствено што ќе остане ќе биде членството во НАТО и почнатите преговори со ЕУ од една страна, и понижувачкото прифатено решение кое го издиктирал нашиот јужен сосед со кое ќе треба трајно да живееме, со чувство на свиткана кичма и променет идентитет и име, за што се води битка 150 години со многу жртви и откажувања на нашите предци, нагласува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.