Груевски: Ако секој почне да соработува со служби и да креира материјал, не се потребни проекти, програма и кадар

Граѓаните ќе го дадат својот одговор на тоа каде би можело ова да заврши, преку довербата која ја даваат и ќе ја дадат на сите нас на политичката сцена. Ова го истакна премиерот Никола Груевски на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека времето и граѓаните, се клучот, односно нивната определба дали сакаат да бидат вовлечени во ова деструктивно сценарио спремено и спакувано од страна, или ќе се насочат на реалните проблеми и на тоа кој ќе има подобра понуда и решенија за проблемите на граѓаните, подобра програма.

-Овој рецепт за урнисување на државата преку креирани материјали во соработка со странски служби, со наведувачки воведи, нашата опозиција треба да го патентира. Вакво нешто досега на никого не му текнало. Замислете колку се би било полесно ако секој што претендира да биде сериозен политичар или партија и да води една држава, почне да соработува со служби и да креира материјал за да ја оцрни власта. Тогаш не се потребни проекти, програма, кадар, тогаш е потребен само еден човек кој е доволно очаен, и лаком, доволно слаб, за да прифати да соработува и да прибегне кон вакво сценарио. Но, времето ќе им го даде најјасниот одговор на сите нив, но и на оние кои во даден момент ќе се поколебаат и на кои ќе им повлијаат со ова сценарио, нагласи Груевски.