Груевски: Ако Заев е искрен во ветувањата, тој на своите вработени ќе им дадеше најмалку 500 евра плата

Зошто Заев го лаже народот дека ако тој бил премиер ќе давал по 500 евра плата, кога вработените во неговите фирми живеат на работ на егзистенција, изјави на вечерашниот митинг во Ресен лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

-Го слушам аболицираниот криминалец Зоран Заев деновиве зборува дека ние сме биле 10 години на власт,а тој е 11 години на власт во Струмица. Прашајте ги струмичани што аир видоа од него. Зборува дека ќе враќале 15 отсто од ДДВ-то, па да го прашам вака јавно, зошто не враќа 15 отсто од приходите на Општина Струмица на струмичани за да му поверуваме дека ќе враќа 15% на сите граѓани на Македонија требаше барем досега , барем шест месеци, ако не и година да им враќа по 15 отсто на струмичани од општинската каса, рече Груевски.

Тој нагласи дека како што државниот буџет има свои приходи, така и општинската каса на Струмица има свои приходи. Зошто ги лаже сега сите граѓани во Македонија дека на сите ќе им враќал по 15%, запраша Груевски.

-Го слушам зборува колку ќе била минималната плата, па дека ќе направел тој некако да има просечна плата од 500 евра. Да погледнеме колку е платата во неговите компании и компаниите на неговото семејство, дали таму е просечната плата 500 евра и дали таму минималната плата е толку колку што им ветува на граѓаните? Далеку е од тоа, на работ на егзистенцијата живеат вработените таму. Земаат најминамална плата најголемиот дел од нив. Ако Заев е искрен во ветувањата, тој на своите вработени ќе им дадеше секој да има најмалку 500 евра плата. Зошто го лаже народот дека ако тој бил премиер ќе давал по 500 евра плата. Повторно лаги со опашки и повторно опашките во Струмица и неговите компании, рече Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.