Груевски: Апелирам за мирно и разумно однесување, граѓаните да не потпаѓаат на дневни манипулации

Граѓаните да не потпаѓаат на дневни манипулации и внимателно да ги следат настаните поврзани со случајот „Монструм“, апелираше претседателот на Владата Никола Груевски, кој вечерва имаше интервју за втората програма на Македонската телевизија.

Апелирам до граѓаните кои што не се дел од оваа помала група на верски фанатици и радикали под влијание на други подалечни држави и со други цели, ним им апелирам внимателно да го следат процесот, да не потпаѓаат под дневни манипулации на одредени портали или поединечни новинари или медиуми. Некогаш и тие се заведени, некогаш се и дезинформирани, истакна премиерот Груевски.

Треба многу внимателно секој да проценува пред да донесе заклучок, рече премиерот, изразувајќи убедување дека времето ќе докаже кој бил во право.

– Убеден сум дека времето ќе докаже кој е во право дали е судот во право или групата насилници кои што се обидоа и повредија многу полицајци. Меѓу повредените полицајци имаше и многу Албанци, додаде Груевски.