Груевски: Божик е празник на љубовта, надежта и семејните вредности

Премиерот Никола Груевски, по повод големиот христијански празник – Божик, упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Архиепископ Охридски и Македонски Г.Г. Стефан и до сите православни верници од Република Македонија и дијаспората.

Интегрално ви ја пренесуваме честитиката.

Дозволете ми од мое лично име и од име на Владата, Вам, на членовите на Синодот, на ценетото свештенство и монаштво, како и на сите православни верници од Република Македонија и дијаспората, да Ви го честитам големиот христијански празник – Божик.

Овој светол и величествен празник со сета своја големина и духовност не потсетува на вредностите на кои не учи христијанството, на Божјите дела и човекољубието кои преставуваат сечовечка универзална придобивка и вредност. Имајќи го Бог при себе, имаме вера и имаме надеж. Имајќи го Бог со себе, имаме поткрепа во сите тешки моменти да истраеме и во сите радосни моменти да имаме со кого да ги споделиме и на кого да се заблагодариме. Божик е празник на љубовта, на надежта и семејните вредности. Тоа е празник на радоста и достоинството.

Токму затоа, како што налага верата и како што тоа го правеле нашите предци години и години претходно, да ги отвориме широко нашите порти за светлината која доаѓа на овој прекрасен празник. Да бидеме покорни верници и да правиме добри дела. Да си ги сакаме нашите најблиски, нашето семејство, нашите пријатели, нашата земја. Да се почитуваме еден со друг и заедно да работиме за добробит на нашиот народ и Македонија. Со Господа напред и вечна благодарност за неговата милост, во радост да го прославиме Христовото раѓање.

Ви пожелувам добро здравје, успех во работата и благосостојба на сите граѓани во Македонија и сите припадници на македонската дијаспора. Нека има мир и љубов во нашите срца!