Груевски: Целта ни е да ја реализираме волјата на граѓаните

Започнува новото движење кое ја донесе новата ера за Македонија. Ера на просперитет, напредок и исполнети ветувања, одговорност, достоинство и заедништво. Ера која ќе ја предводи оваа наша коалиција и која ќе покаже на сите и дома и надвор, на сите оправдано загрижени, дека ние можеме ДА. Македонија може и мора подобро, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на митингот во Кичево.

„Само обединети, сложни, со меѓусебно почитување како што овој град опстојува со векови, ќе можеме да одиме напред. Оваа земја му припаѓа на народот, како што овој град му припаѓа на неговите жители. Ти си тој, секој од вас, што ќе донесе одлука и кој го има последниот збор за вашиот град, за нашата татковина Македонија. Нашата цел е да ја реализираме волјата на граѓаните и нивните соништа. Работиме само за таа цел бидејќи сме тука за да ви служиме, ние сме во ваша служба, запомнете политичарите мора да бидат во служба на народот. Делата се она што останува, делата се она што говори за секого и за неговата работа, а ние во изминатиов период остваривме многу за Кичево“, порача Груевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека Кичево ќе остане во нивниот фокус.

„На крајот на 2005-та и почеток на 2006-та година во општина Кичево, да ве потсетам, имаше 7400 вработени. На крајот на 2016-тата бројката на вработени во Кичево е покачена за над 11.000 луѓе. Ова е добар пример за одлична работа. Бројот на вработени е зголемен за околу 3600 или за околу 50 отсто. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ, не е само празни зборови и лажни ветувања како што шири нашиот опонент. Се изгради нова индустриска зона, се донесоа нови странски инвестиции. Фабриката Key Safety Systems инвестираше во овој регион по наша заложба, по наше долготрајно и макотрпно работење да ги убедиме да дојдат во Македонија, да дојдат во Кичево и да отворат нови работни места за народот. Вработија 1350 луѓе, а планираат да го прошират производството со уште една фабрика за волани за автомобили каде што ќе вработат околу 1000 лица. Го започнавме новиот автопат од Кичево до Охрид, инвестиција вредна 374 милиони евра и истиот ќе служи за жителите и за индустријата во овој регион и за цела Македонија, да може да се патува брзо и безбедно“, рече Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.