Груевски со честитка по повод празникот Прочка

Лидерот на владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ, Никол Груевски им го честита големиот христијански празник Прочка на сите православни верници.

Божјиот пат е патот на љубовта, опростувањето и спасението на човековиот род, порачува Груевски.

Честитката ја пренесуваме интегрално: 

Ваше Блаженство,

Дозволете ми од мое лично име и од име на ВМРО-ДПМНЕ, Вам, на членовите на Синодот, на ценетото свештенство и монаштво, како и на сите православни верници од Македонија и дијаспората, да Ви го честитам големиот христијански празник Велики поклади-Прочка.

Блискоста и љубовта во секое семејство, во секое познанство и пријателство, од секогаш била поврзана со овој убав ден. Нашиот народ знае да простува затоа што простувањето е една од основните потпори на нашата вера, една од основните пораки на нашиот спасител Исус Христос. Нема човек кој е безгрешен и токму затоа, тивко и спокојно, во мир и хармонија, со љубов и радост да ги пречекаме пораките кои ни ги носи овој ден.

Ако човек на човек замерил, ако човек со човек не зборува, денес е денот да се олесни душата од таквиот товар, денес е денот да се подаде рака, да се побара прошка и да се даде прошка. Така било со децении, така ќе биде и во иднина, затоа што така не учи нашиот Бог. Токму затоа, да ги поткрепиме нашите семејства, да ги почитуваме нашите родители, да ги почитуваме нашите соседи и пријатели, да имаме разбирање еден со друг, да бидеме љубезни еден за друг, да го следиме нашиот Бог по патот кој за нас го има поставено. Тоа е божјиот пат, патот на љубовта, простувањето и спасението на човековиот род.