Груевски: Четврта година по ред продолжува проектот за бесплатен одмор на деца од социјален ризик

Проектот за бесплатeн одмор за деца од семејства во социјален ризик ќе продолжи и оваа година. Четврта година по ред дечињата ќе имаат можност бесплатно да летуваат или зимуваат.

До сега околу 12.000 деца од семејства во социјален ризик и приматели на посебна помош ја имаа можноста да заминат на летување или зимување.

Годинава кон средината на јуни ќе заминат уште околу 2.000 деца. За тоа се обезбедени околу 8 милиони денари, а зимава на зимување ќе заминат уше 1.000 деца. Ова е извонредна можност која што ја немаше во минатото, децата на семејствата кои што се во социјален ризик и кои што се со многу ниски примања и кои што се зависни од социјалната помош која што ја дава државата со години немаа можност да заминат некаде на одмор и како нивните врсници да го почувствуваат сето тоа и да можат кога ќе се вратат со другарчињата да споделат како поминале, што виделе што научиле како се одмориле или како се забавувале, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Оваа мерка е започната во 2012 година, а беше најавено во 2011 година и истата веќе стана традиција во периодот додека ВМРО-ДПМНЕ е на власт.