Груевски: Да се потсетиме и поклониме пред големите светители

Премиерот Никола Груевски лично и во името на Владата на Република Македонија, упати честитка по повод 24 Мај – Денот на македонските и сесловенските просветители,  браќата Кирил и Методиј.

„На овој ден се потсетуваме и поклонуваме пред големите светители, мислители и дејци, чиј живот и дело со децении наназад останало да се прераскажува и празнува како едно од најголемите и најзначајните настани во историјата.  Нивната просветителска улога на културен и на религиозен план ги претставува скалилата по кои голем број народи зачекорија. Меѓу сите тие народи е и македонскиот народ. Преку својата дејност, како изумители на глаголицата и основоположници на словенската писменост, солунските браќа Свети Кирил и Методиј активно допринесоа за верскиот соживот, традицијата и духовниот развој во Македонија, но и во многу други делови во Европа. Од тука, празнувајќи го големиот празник 24-ти Мај, да се потсетиме на големината на македонските и сесловенските просветители, да земеме пример од нивната работа и посветеност, да ги чуваме и негуваме вредностите со кои не задолжиле и да помогнеме нашата земја да продолжи да се развива издигнувајќи го образованието и просветувањето како клуч за подобар живот за граѓаните“, се вели во честитката упатена од премиерот Груевски.