Груевски-Дачиќ: Односите меѓу двете земји на највисоко ниво

Претседателот на Владата, Никола Груевски, денеска оствари средба со претседателот на Владата на Србија, Ивица Дачиќ, на која беа констатирани добрите пријателски односи меѓу двете држави, базирани на взаемно почитување, водење на добрососедска политика со заложба за искористување на економските потенцијали кои стојат на располагање меѓу двете држави.

Соговорниците се согласија дека динамизирањето на контактите ќе допринесе за соработка на различни полиња и реализација на конкретни проекти, а со цел заедничко напредување на перспективата на целиот регион особено кон исполнување на стратешката цел за европска интеграција.

Премиерот Груевски истакна дека заедничката посветеност кон реализација на стратешките цели и економскиот развој отвора нови перспективи и овозможува помирување и затворање на отворените прашања од минатото во целиот регион. Во овој контекст, успешната регионална соработка која може да се забележи на повеќе конкретни полиња, и пред се манифестирањето на добра политичка волја од двете страни е уште една потврда за развојот на односите меѓу двете држави и прифаќањето на европските вредности.

Премиерот Груевски потенцира дека двете држави имаат интерес и можности за искористување на потенцијалите во повеќе сфери од заеднички интерес, како што е економијата особено инвестициите и развојот на трговската размена, претприемништвото, прекуграничната соработка и културата. Премиерот Груевски истакна дека и двете држави посветено работат на создавање на поволни услови за инвестициски напредок и привлекување на што е можно повеќе капитал кој би значел отворање на нови работни места. Истовремено, може да се најде и заеднички интерес во неколку значајни проекти од инфраструктурен карактер кои би допринеле за интензивирање на соработката. Премиерот Груевски посочи дека и двете држави ќе продолжат со искористување на заедничките искуства во реализација на евроатланските интеграции останувајќи посветени на тој процес како суштествено важна цел и за целиот регион.

Во поглед на потенцијалите за развој на меѓусебната соработка, премиерот Груевски истакна дека Српската заедница, како досега, така и во наредниот период има свој активен придонес во почитувањето и ширењето на ваквите вредности и цели.

Премиерот Дачиќ истакна дека односите меѓу двете држави се на највисоко ниво, поздравувајќи го нивното интензивирање како добар пример за развој на односите меѓу две соседни држави. Истовремено, премиерот Дачиќ истакна дека постојат добри примери и мерки кои се применуваат во Република Македонија и значително искуство, кои може да се искористат и применат во други полиња надвор од државата. Тој посочи дека разговорите за повеќе проекти од заеднички интерес покажуваат дека и натаму сме приврзани за унапредување на билатералните односи на сите нивоа. Ваквата иницијативност е добар пример и за останатите држави, рече Дачиќ.

Соговорниците се согласија дека добрите политички односи кои постојат помеѓу државите треба да се интензивираат и развиваат на секое ниво, преку промоција на зaeдничките сфери на интерес кои ќе донесат напредок на взаемните односи меѓу државите.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.