Македонија,Политика

Груевски-Даниелсон: Европската интеграција е стратешка определба на земјата

Груевски-Даниелсон: Европската интеграција е стратешка определба на земјата

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски денеска оствари средба со генералниот директор на Директоратот за проширување на Европската Комисија, Кристијан Даниелсон.На средбата се разговараше за европската интеграција на Македонија, нејзините перспективи и реформите кои се преземаат за реализација на европската агенда.

Соговорниците позитивно го оценија континуираниот и добро воспоставен дијалог меѓу Република Македонија и Европската Комисија. Премиерот Груевски истакна дека европската интеграција е стратешка определба на земјата и дека приоритет на Владата останува да бидат реформите за европската интеграција при што референтен документ се избраните приоритети од Пристапниот дијалог на високо ниво и ангажманот за нивното исполнување во целина. Тој истакна дека ќе се продолжи и со активностите и реформите кои овозможуваат понатамошна модернизација и унапредување на економијата и општествените сфери.

Стана збор и за одржаните избори, и процедурите за формирање на новата Влада, при што од страна на премиерот Груевски беше истакнато дека прелиминарните наоди на ОБСЕ се внимателно анализирани и штом се објават конечните наоди и препораки, ќе бидат земени предвид и адресирани, за што веќе се изработува акциски план за понатамошно унапредување на законодавството и неговата имплементација. Беше истакната интенцијата, потребата и корисноста од институционален дијалог и коректни и продуктивните политички дебати во рамките на институциите со инклузија на сите политички фактори, како и потребата од одговорно и посветено однесување на сите чинители.

Соговорниците се осврнаа и на прашања кои имаат влијание на европските интеграции при што премиерот Груевски ја истакна силната посветеност на Република Македонија за зајакнувањето на добрососедските односи, за интензивирање на дијалогот и надминување на отворените прашања во духот на европските вредности, како и подготвеноста и отвореноста за соработка со соседите во голем број области.

Соговорниците разменија мислења и околу други прашања во врска со меѓусебната соработка и ефектите од истата.