Македонија

Груевски денека ќе учествува на самит Германија-ЕУ-Западен Балкан

Груевски денека ќе учествува на самит Германија-ЕУ-Западен Балкан

Во Берлин на иницијатива на германската канцеларка Ангела Меркел денеска ќе се одржи самит Германија-ЕУ-Западен Балкан, чија цел е реафирмирање на поддршката на европските перспективи на земјите од регионот, на процесот на нивната интеграцијата со поттикнување на поголема регионална соработка.

На самитот ќе учествуваат премиерите и министри за надворешни работи, за финансии и за економија на Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и на Косово. На заедничка маса со нив ќе бидат претседателот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо и еврокомесарот за проширување Штефан Филе, а дел од учесниците се и високи претставници од Австрија, Франција, Словенија и од Хрватска.

Канцеларката Меркел и Баросо, според најавите, ќе учествуваат на сегментот на политичките лидери, каде ќе учествува и македонскиот премиер Никола Груевски. Ееврокомесарот Филе ќе присуствува на состанокот на шефовите на дипломатиите, а домаќин на состанокот од областа на економијата ќе биде германскиот вицеканцелар Зигмар Габриел.

Во интервју за германски медиум, спроти одржувањето на самитот, Меркел истакна дека Германската влада одлучила да организира една ваква средба на високо рамниште со цел да ја одбележи 100-годишнината од Првата светска војна.

– Размислувавме како да ја одбележиме годишнината за да не се навраќаме кон минатото туку да погледнеме кон иднината. Владата доби идеја да ги поканиме сите земји од регионот и да им покажеме дека конфликтите се надминати и дека и покрај сите разлики, единството е во неговото срце. Верувам дека европските перспектви на сите овие земји го направија тоа можно, вели Меркел.

Таа додава дека тоа значи оти сите земји од Западен Балкан имаат можност да и се приклучат на Унијата, што е и нивна стартешка цел.

– Се уште се сеќаваме на ужасните војни, а оваа конференција ќе се одржи за да покаже декаа одиме напред, дека ги надминавме конфликтите и дека е тоа добар знак. Ние на сите земји од Западен Балкан им ветуваме членство во ЕУ и стоиме цврство зад тоа, порачува Меркел.

Според програмата, Самитот ќе почне денеска претпладне со т.н  „Економска конференција за Западен Балкан“, која ќе ја сочинуваат два панела за енергетиката, инфраструктурата, вработувањата и инвестициите, на која Македонија ќе ја претставуваат вицепремиер Владимир Пешевски и министерот за економија Беким Незири.

Попладне, повторно, зад затворени врати во блокот за надворешната политика ќе се расправа за регионалната соработка, ЕУ и отворените прашања, на кој ќе учествува шефот на дипломатијата Попоски.

Истовремено, во 15:30 часот во германската Влада канцеларката Меркел ќе ја има главната пленарна седница со премиерите на земјите од регионот вклучувајќи ги Словенија и Хрватска, на која ќе учествува премиерот Груевски. И овие разговори се затворени за јавноста, но според германски медиуми, ќе биде дискутирано за политички теми односно ситуацијата и проблемите во регионот.

По пленарката најавена е прес-конференција на Меркел со Баросо и албанскиот премиер Еди Рама, како актуелен претседавач со Процесот за соработка во ЈИЕ.

Самитот ќе биде заокружен со работна вечера која ја приредува канцеларката Меркел, на која учесниците уште еднаш ќе ја резимираат еднодневната работа и разговори. Некакви големи заклучоци и документи не се предвидени, освен позитивната порака преточена во конкретен ангажман за економски развој на Западен Балкан.

Се очекува Самитот да прерасне во годишна конференција за Западен Балкан во рамките на ЕУ, чиј организатор идната година треба да биде Австрија.

Берлинскиот собир на високо рамниште следи по состанокот на осумте претседатели на земјите од Процесот „Брдо-Бриони“, кој се одржа во јули во Дубровник, а на кој присуствуваше и германската канцеларка Меркел.