Македонија

Груевски:Денес нашата цел e да обезбедиме работа и сигурна иднина за граѓаните,

Груевски:Денес нашата цел e да обезбедиме работа и сигурна иднина за граѓаните,

Премиерот Никола Груевски упати честитка до македонскиот народ по повод 11 Октомври, Денот кој е симбол на големото народно востание против фашизмот во Македонија.

„Прославувајќи го денешниот ден ја славиме и последната етапа од долгиот и трнлив пат за создавање на сопствена и самостојна држава Македонија. 11-ти Октомври и дострелот на првото заседание на АСНОМ им дава целосна смисла на сите претходни етапи од Илинденското, Кресненското, Карпошовото и сите други претходни востанија. Партизанското движење и неговите предводници ја имаа таа привилегија да го предводат и доведат нашиот народ кон остварување на стремежот на сите претходни генерации, да се достигнат победата и слободата.

Поуките извлечени од вековните борби и тежината низ која минувале нашите предци се одличен пример дека ништо во животот не се добива на лесен начин и дека за остварување на целите е потребна постојана работа и многу труд. Најдобар начин за почит кон ваквите празници и големи дела на нашата историја, е да се вложиме искрено и максимално за денешните потреби и предизвици на Македонија.

Нашата улога во сегашноста е алка која го поврзува синџирот на минатото и иднината. Секоја генерација ја носи таа одговорност, ја носиме и ние. Партизаните одговорија кога беше потребно и со име и со жртва и со траен белег во историјата. Како ќе се покажеме ние зависи од нас! На тој пат имаме од кого да учиме, имаме и за кого да се вложиме. Тоа е нашата земја, тоа се нашите деца, тоа се следните генерации на Република Македонија.

Денес нашата цел е да ја подобриме економијата, да обезбедиме работа и сигурна иднина за граѓаните, добро образование за младите, можности за оние кои сакаат да напредуваат, да изградиме систем кој е базиран на принципи и вредности. Тоа е нашата заедничка цел и ние работиме на тоа,“ се вели во честитката на Груевски.