Македонија

Груевски: Дијалог со опозицијата во собранието, излез од политичката криза

Груевски: Дијалог со опозицијата во собранието, излез од политичката криза

Дијалог со опозицијата во Собранието е начинот за излез од сегашната ситуација. Подготвен сум да разговарам за сите теми кои можат да ја подобрат ситуацијата во Македонија од секој аспект освен за техничка влада, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

Пратениците од опозицијата, посочи тој, треба сами да се вратат во Парламентот, а не да не работат и да земаат плата од таму.

– Овој случај мора да има правна, институционална и политичка завршница и разрешница, изјави на прес-конференција Груевски, на која посочи дека прислушуваните телефонски разговори што ги објавува опозицијата се од странска разузнавачка служба.

За тоа дали ќе прифати странски посредници за надминување на политичката криза во земјата, вели дека за него е добредојден секој оној кој доаѓа со чесни и искрени намери да и помогне на Македонија.

Институциите на системот, според Груевски, ја вршат својата работа одговорно и посветено и секако будно.

– Дестабилизација би била од најголема корист на оние кои го наметнуваат и спроведуваат ова сценарио, но мнозинството граѓани имаат мудрост и нема да дозволат да бидат дел од едно такво сценарио. Јас како премиер остро ќе се спротивставам доколку постојат било какви интенции во таа насока, а земјата и покрај било каква сериозност на некаков обид за дестабилизација ќе обезбеди ред и поредок, изјави премиерот Груевски.

Премиерот на прес-конференција демантираше дека Македонија е меѓународно изолирана земја како што сака да се претстави.

– Такво нешто се пласираше и во 2008 година по Самитот на НАТО. Но тоа се покажа како неточно, рече премиерот.

Во однос на тоа дали ќе бидат разрешени функционери или дали ќе си поднесат оставка, а во врска со прислушувањето, вели дека за овој случај никој не треба да брза со било какви одлуки и заклучоци.

– Во постапката, која што како што кажав и претходно треба да биде транспарентна, ќе се покаже се. Никој не треба однапред да биде суден, без да се знаат деталите и околностите за овие креирани материјали и не се утврди вистината низ судска постапка, истакнува Груевски.

На прашањето како сево ова ќе заврши, Груевски смета дека одговорот ќе го дадат граѓаните, преку довербата која ја даваат и ќе ја дадат за сите оние на политичката сцена.