Груевски: Дијаспората активно да се вклучи во процесот на привлекување странски инвестиции

Развојот на економијата и намалување на невработеноста преку привлекување странски инвестиции кои ќе значат нови работни места е главниот предизвик на Владата во што исклучително значење има активното учество и на македонската дијаспора.

Ова го порача премиерот Никола Груевски на средбата со македонските иселеници во Дизелдорф каде од нив побара поддршка во тој процес.

„Исклучително значајно за нас е нашите граѓани, нашиот народ, Македонците и сите останати етнички заедници кои живеат во Македонија да дојдат што побрзо до работно место, а оние кои имаат да дојдат до повеќе можности за повисоки плати“, рече премиерот и додаде дека оваа Влада е економски ориентирана, пријателски расположена кон бизнисот и секако влада која покажува грижа за државните и националните интереси.

Посочувајќи дека досега има добри примери на крупни инвестиции кои покажаа дека македонската економија има квалитетни потенцијали и е конкурентна, рече дека цел на Владата е да овозможи инвестициски развој, раст на економијата и развој на трговијата преку конкретни проекти, нови патишта, развој на енергетиката и инвестирање во образованието што е трајна вредност и инвестиција во младите, а што ќе значи и подобар живот и стандард на граѓаните.

Премиерот Груевски истакна дека Владата, и покрај предизвиците, останува цврсто решена и посветена на економскиот напредок.

На средбата премиерот Груевски истакна дека оваа Влада ги остварува ветувањата и покажа дека преку еден искрен однос може да се остане во контакт и да биде блиска со своите иселеници од државата.

„Ние сме прва Влада која посвети многу поголемо внимание на нашите луѓе кои се иселени од Македонија од различни причини и воспостави многу поблиска комуникација со неа. Тоа го направивме преку повеќе чекори, гестови, кои во минатиот период ги ветивме и ги исполнивме, меѓу кои е и можноста сите оние кои од различни причини се иселиле од Македонија да можат да гласаат во Дипломатско конзуларните претставништва на Македонија, што никогаш порано не беше дозволено верувам поради односот на претходните власти во Македонија кон нашата дијаспора“, истакна премиерот Груевски пред македонските иселеници во Дизелдорф, пренесе МИА.

Тој ги повика во средината каде работат и дејствуваат активно да се вклучат во промоција на потенцијалите и предностите што ги нуди Република Македонија во полето на економијата и инвестицискиот развој.