Груевски до Црвенковски: Откажи се, не ги закрвувај луѓето

Овој собир денеска е порака и до менторот на Зоран Заев – Бранко Црвенковски кој пред неколку дена како стар вол намирисал нешто и реши да се појави во јавноста, охрабрувајќи го Заев да биде порадикален, со цел да ја донесат СДСМ на власт со насилство и дестабилизација на државата, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на РМ, Никола Груевски на вчерашниот голем народен собир.

-Бранко не бива таа работа, откажи се, не ги закрвувај луѓето – ќе ги носиш на душа. Троши си ја највисоката пензија во државата и остави го народот да си ја гради иднината, порача Груевски.

Тој посочи дека граѓаните одамна го имаат прочитано Бранко Црвенковски.

-Ти имаш и еден елемент да го дозакопаш Зоран Заев и да донесеш нов послушник. Внимавај што правиш, народот одамна те има прочитано, истакна премиерот.

Тој додаде дека по вчерашниот митинг на СДСМ, граѓаните се увериле дека лажните профили на Фејсбук не доаѓаат на митинг, бидејќи ако беше така, како што нагласи, ќе имаше над 100.000 луѓе на митингот на СДСМ, а не едвај 18 – 20.000 граѓани.