Економија

Груевски до француските бизнисмени: Следниот инвестициски чекор направете го во Македонија

Груевски до француските бизнисмени: Следниот инвестициски чекор направете го во Македонија
На почетокот на форумот, премиерот Никола Груевски, јави известувачот на МИА, ги информираше потенцијалните инвеститори со неколку генерални работи, притоа истакнувајќи дека земјата има стабилна макроекономска политика, стабилна политичка состојба и коалициска Влада речиси седум години.
„Анкетите покажуваат дека доколку утре би имале избори партиите кои сега ја предводат Владата повторно ќе добијат поддршка посилна дури и од претходно, што значи дека овие политики што сега ги спроведуваме ќе продолжат и во иднина“, рече Груевски.
Македонија, додаде, политички е ориентирана да стане членка на ЕУ и НАТО и тоа е позиција и на владејачките партии, но и на опозицијата и затоа ни е важно кој ја предводи Владата, бидејќи тоа е начинот и ориентацијата што ја поддржуваат најголем број од политичките партии во земјата.
„Македонија ги исполни сите критериуми за да му се приклучи на НАТО во 2008 и критериумите за почеток на преговори за влез во ЕУ во 2009 година, но поради проблемите од страна на нашиот јужен сосед поврзани со името на земјата, националната припадност и јазикот, членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ беа одложени. Од тој период секоја година ЕК објавува извештај за Република Македонија којшто е главно позитивен и секоја година оттогаш испраќа препорака до Европскиот совет да го отвори процесот за преговори посочувајќи дека Македонија е подготвена да го почне тој процес. Но, поради проблемот со нашиот јужен сосед поврзан со нашето име, членството во НАТО и преговорите со ЕУ се одложени“, истакна премиерот Груевски пред бизнисмените.
Притоа рече дека паралелно се работи на изнаоѓање решение за ова прашање, но и на натамошни реформи, модернизација и подобрувања во земјата.
Како важен податок го издвои и фактот дека Македонија има договори за слободна трговија со сите земји во Европа, што значи договори за слободна трговија со ЕУ, со земји надвор од ЕУ како Турција, Украина, сите земји во ЈИЕ кои не се дел од ЕУ, со земјите од ЕФТА како Швајцарија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн, а се работи и на потпишување вакви договори со други земји од Индонезија и од Африка.
„Ова е шанса за многу компании, особено за компаниите надвор од Европа кои ја гледаат Македонија како можен пат кон Европа да основаат бизнис во Македонија и да извезуваат производи во Европа, но и надвор од Европа“, истакна Груевски, притоа посочувајќи го примерот со белгиски Ван Хол, кои неодамна ја завршија фабриката за производство на автобуси и ги извезуваат во САД и во Европа.
Ги спомена и предностите на слободните економски зони каде свои фабрики отворија компаниите Џонсон Мети и Џонсон Контролс, руската Протекгруп, италијанската Текнохозе, кои отворија по една фабрика, а две години подоцна, задоволни од условите, уште по една. Како пример ги посочи и германските компании Дрекслермаер и Кронберг и Шуберт, како и Кемет електроникс од САД кои, како што рече, сметаа дека Македонија е добро место за нивните инвестиции.
„Ова се специјални можности за инвеститорите бидејќи секој што инвестира и гради некаков капацитет во економските зони во првите десет години целосно не плаќа персонален данок, не плаќа данок на профит, нема царински давачки и ДДВ за суровите материјали за производство што се увезува со причина. Цената на земјиштето е симболична и има инфраструктура за сите потребни работи. Многу компании ова го препознаа и дојдоа во нашите слободни економски зони“, истакна Груевски.
Тој ги информира бизнисмените дека макроекономијата на земјата е многу стабилна многу долг временски период, инфлацијата во последните десет, петнаесет години е меѓу два, три до три и пол проценти, а исто така и банкарскиот сектор, рече, е стабилен и не беше под сериозен притисок од европската должничка криза.
„Македонија е земја каде што најмалку чини водење бизнис во Европа, а еден од елементите се даноците, што значи дека Македонија има најниски даноци во Европа“, истакна Груевски.
Во својот говор потенцираше дека земјата работеше на квалитетно образование на своите луѓе, дека се отворени неколку нови универзитети, намалени цените за студирање со што се овозможи многу млади луѓе кои не можеа да си дозволат да се образоваат да се запишат на факултетите и да студираат и да ги развијат своите таленти. Посочи на други проекти поврзани со образованието меѓу кои на проектот за преведување илјада книги од еминентни странски автори, отворањето лаборатории на универзитетите, стипендирање на студии на најпрестижните светски универзитети…
Од една страна, вели Груевски, имаме добри услови за водење бизнис во Македонија, а од друга страна имаме млади луѓе кои се подготвени да им се приклучат на компаниите.
Претседателот на Владата пред бизнисмените во Париз посочи на повеќе факти за рангирањето на земјата во извештаите на Светската банка како што е Дуинг бизнис,потоа на рејтинг листата на Форбс, на Херитич фондацијата, Транспаренси интернешнал.
На крајот од обраќањето ги покани француските бизнисмени да дојдат во Македонија, да ги видат и проверат сите овие работи, да поразговараат со оние кои веќе инвестираа во земјата и да размислат многу добро пред да го направат следниот инвестициски чекор.
За бизнис климата во Македонија зборуваше и министерот за финансии Зоран Ставрески.
„Македонија е земја која има потенцијал за многу поголем раст од другите држави во Европа, пред се поради конкурентноста на економијата и подобрувањата направени последниве неколку години. Друга поволност за инвеститорите се ниските трошоци за бизнис и поддршката што ја имаат“, рече Ставрески.
Посочи дека Македонија има поволен даночен пакет, најнизок во Европа, слободни трговски зони, квалификувана и евтина работна сила која зборува странски јазици.
„Инвеститорите бараат едноставна бизнис-клима со помалку корупција и бирократија. Максимално ја скративме процедурата за почнување бизнис. Во минатото за да се отвори фирма беа потребни 21 процедура и да се соберат голем број документи, а сега тоа е сведено на три процедури и фирма може да се отвори за неколку часа“, додаде Ставрески. Истакна дека Македонија има и добро законодавство за заштита на инвестициите, како и стабилен финансиски и банкарски сектор. Странските инвеститори во Македонија можат да купуваат земјиште и да градат или, пак, да го користат под концесија. Македонија, наведе Ставрески, е мал пазар, но има склучено договори за слободна трговија со многу земји од Европа, вклучувајќи држави од ЕУ, како и со Русија, Турција и Украина. Тоа на странските инвеститори им овозможува пристап до пазар од околу 650 милиони потрошувачи, бидејќи тоа што ќе се произведе во Македонија, ќе може да се извезе во земјите кои имаат потпишано договори за слободна трговија без плаќање давачки, рече вицепремиерот и министер за финансии.
Бизнис форумот во Париз е вториот од 13-те форуми што Владата ги организира во соработка со Фајненшл тајмс, со цел економска промоција на Македонија и презентација на предностите и она што земјата им го нуди на инвеститорите. Првиот се одржа завчера во Лондон.