Груевски до Хан: Изборите беа едни од најлошо организираните, загрижува политичкиот притисок врз судството и медиумите

Штотуку изминатите локални избори коишто ги спроведе владата предводена од СДСМ, беа едни од најлошо организираните, а исто така, загрижува и нивото на политички притисок кој се гради врз судството и медиумите, изјавил претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој во понеделникот вечерата заедно со членовите на Извршниот комитет на партијата Илија Димовски и Александар Николоски оствари средба со Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика Јоханес Хан.

Од партијата соопштуваат дека на средбата соговорниците разговарале за повеќе актуелни теми поврзани со внатрешните политички случувања како и исполнување на стратешките интереси на Република Македонија.

„Претседателот Груевски посочи дека локалните избори кои поминаа беа едни од најлошо организираните, каде се случија бројни неправилности, случаи за поткуп бугарски возови, недостаток на гласачки ливчиња, притисоци, уцени и закани, па се до поднесување на кривични пријави врз градоначалници без правна основа-политички мотивирани, убиство на носител на советничка листа, пукнат череп на градоначалник и други бројни сериозни нарушувања. Беше посочено дека дел од полицијата беше активен партнер во заплашувањата врз граѓаните, притисоци врз администрацијата и организирањето на криминалните избори. Изборите на кои се случи убиство, насилство, закани и поткуп е криминал и е  нешто што не доликува и се коси со вредностите на земја аспирант за Европската унија, истакна ВМРО-ДПМНЕ, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека Груевски на средбата истакнал дека загрижува нивото на политички притисок кој се гради врз судството во Република Македонија што влијае на создавање на атмосфера на страв кај судиите и судските власти и која што се пресликува и во другите полиња, како што се медиумите и економијата.

„Воедно тој го информираше комесарот Хан за повеќе случаи за нарушување на судските правила и постапки, како и барањето на СЈО за употреба на незаконски стекнати материјали во судските процеси што укажува на недостаток на постоење на фактички докази и прибегнување кон незаконски методи. Членот 12 од Законот за кривична постапка, јасно и недвосмислено пишува дека нелегално стекнати аудио и видео матерјали не можат да бидат доказ во судска постапка ниту пак од нив да се изведуваат докази. Од страна на ВМРО ДПМНЕ беше истакнато дека што се однесува до реформските процеси се забележува упорното игнорирање и невклучување на опозицијата во таквиот процес. Освен барањето јавна поддршка, нема суштинско вклучување во процесот а изработување на реформите. Таков случај е и со Законот за администрација кој преставува основа за бркање од работа на илјадници професионалци и луѓе кои не се поддржувачи на актуелните политики на власта, беше посочено од страна на ВМРО-ДПМНЕ, стои во партиското соопштение.

Во однос на стратешките приоритети беше посочено дека ВМРО-ДПМНЕ изразува поддршка на евроинтеграциските процеси,за кои е потребно суштинско исполнување на реформските приоритети.