Македонија

Груевски: Доделени вкупно 5.243 ваучери за набавка на таблет компјутери

Груевски: Доделени вкупно 5.243 ваучери за набавка на таблет компјутери

Премиерот Никола Груевски во одговор на новинарско прашање по пуштањето во употреба на двојното тениско игралиште во ОУ „Кочо Рацин“ во општина Петровец истакна дека проектот  за доделување ваучери за таблети со тастатура за студентите чии родители се со пониски примања практично може да се каже дека заврши. Како што рече, вкупно биле доделени 5.243 ваучери за набавка на таква опрема.

– Со ваучерите во вредност од 8.000 денари студентите  си набавија таблет со тастатура и тоа е од голема помош на сите студенти чии родители имаат пониски примања или пак се без работа итн. за да можат да дојдат до ваква опрема, рече премиерот Груевски.

Нагласи дека досега Владата на трипати доделуваше ваучери за набавка на ИТ опрема од кои во  2008, 2011 и 2013 година беа доделени вкупно 27.000 ваучери. Со новите  5.243 бројката, како што рече, ќе надмине 32.000 ваучери.

– Сметам дека оваа мерка е од голема помош за сите оние студенти кои не можат или пак многу тешко може да дојдат до ваква опрема. Ова е сериозна интервенција на државата  за нив и многу им значи. Можеби е многу лесно за некој кој не му е проблем да набави и му се чини дека ова што го прави Владата не е ништо, но за оние што не можат да го купат, а сакаат да го имаат истото што и нивните врсници  во студентските клупи  значи многу, рече Груевски, нагласувајќи дека тоа е одличен чекор што го презела Владата кој доста помогнал на ИТ пазарот со овозможувањето на дополнителна набавка на ИТ опрема.