Груевски: Догодина се планира изградба на шест нови училишта

Трендот на изградба нови училишта во Македонија продолжува и натаму. За следната година планирана е изградба на шест нови училишта. Во моментов две се во фаза на изградба, а досега се изградени 72 целосно нови училишта. Тоа значи дека до крајот на идната година ќе бидат завршени вкупно 80 нови училишта, информира денеска премиерот Никола Груевски, пренесе МИА.

Тој додаде дека покрај изградбата на овие нови 80 училишта, во изминатиот период комплетно биле реновирани 350.

Од шесте кои се планираат за идната година, појасни Груевски, две произлегле од одењето на терен и средбите со граѓаните.

Едното е училиштето „Тихомир Милошовски“, во делот на Новоселски пат – Волково, а второто е во делот на Лисиче „Димитар Македонски“ каде целосно ќе биде изградено ново. Училиштето во Волково ќе има толку голема надградба што практично ќе биде како изградба на ново училиште. Училиштето во Лисиче е дотраено, тоа се бараки кои ќе бидат заменети со целосно ново училиште, рече премиерот Груевски одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на компјутерскиот томограф на Клиниката за неврологија.

На ваков начин до крајот на следната годината, додаде премиерот,  во нашиот мандат ќе имаме завршено вкупно 80 нови новоизградени училишта.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.