Груевски: Дол полесно ќе ни помогне ако е во тек со настаните во Македонија

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, имаше средба со првиот човек на Европската народна партија (ЕПП), Жозеф Дол, со кого се сретнаа по завршувањето на Самитот на ЕПП, на кој присуствуваше европската политичка елита.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, ова беше прва средба на Груевски со Дол, откако францускиот политичар е избран за претседател на ЕПП, иако претходно тие имале голем број на средби.

Според македонскиот премиер, важноста од оваа средба е огромна со цел претседателот на најголемата политичка партија во Европа, која е и најбројна во Европскиот парламент, да биде во тек со настаните во Република Македонија, што е важно во очекувањето на неговата помош за одредени прашања.

– Добро е што се сретнавме, што разменивме мислења. Сакам претседателот на најголемата политичка партија во Европа да го држам во тек со она што се случува во Македонија оти кога е во тек, тој полесно ќе не разбере и полесно и понатаму ќе може да помогне во некоја ситуација, па во секој случај може да се потврди дека средбата беше корисна, потврди премиерот Груевски во изјава за МИА по средбата.

Според претседателот на македонската Влада, ова било добра можност да го извести Дол за состојбите во Република Македонија, особено по изборите. Тој го информирал за македонската фокусираност на економијата, за предизвиците и пред се е фактот дека шест години по ред нашата земја добива препорака од Европската комисија до Европскиот совет за отворање на преговарачкиот процес со Македонија, што сепак не се случува.

– Претседателот на ЕПП го известив и за нашите напори во насока на разрешување на одредени проблеми и за нашите напори да направиме што е можно поголем број на реформи, особено оние што ги имаме ветено на граѓаните во нашата обемна, но добро подготвена програма. Со него разговаравме и за различните реформи што ги правиме и што планираме да ги правиме во иднина, при што тој ги поздрави овие наши напори, додава Груевски.

На маргините на денешниот Самит на ЕПП, премиерот на Република Македонија имаше можност и лично да му честита на Жан-Клод Јункер за изборот на новиот состав на Европската комисија, а оствари и низа куси и неформални разговори со премиерката на Норвешка, Ерна Солберг, со унгарскиот премиер Виктор Орбан, со членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ. Претседателот на Владата на нашата земја, исто така се сретнал и со потпретседателот на ЕПП, Марио Давид и со шефот на пратеничката група на ЕПП во Европарламентот, Манфред Вебер.

Во рамки на неговата дводневна работна посета на Брисел, македонскиот премиер утре ќе оствари средби и со еврокомесарот за проширување, Штефан Филе и со директорот на Генералниот директорат за проширување на Европската унија, Кристијан Даниелсон.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.