Македонија

Груевски донираше за храмот „Св.Константин и Елена“: Да ја продолжиме убавата градителска традиција

Груевски донираше за храмот „Св.Константин и Елена“:  Да ја продолжиме убавата градителска традиција

Членови на Владата и на Собранието, градоначалници, претставници на академската и бизнис заедницата, владици од Македонската православна црква- Охридска архиепископија, денеска учествуваа на донаторска конференција за доизградба на црквата „Св. Константин и Елена“ во Скопје, чие возобновување со повторна изградба почна пред две години.

Црквата „Св. Константин и Елена“, е изградена во 1927 година, но како и повеќе други храмови и објекти е урната во тек на земјотресот во 1963 година.

Премиерот Никола Груевски и поглаворот на МПЦ г.г. Стефан, упатија апел за донации со кои ќе се комплетира храмот.

– Да ја продолжиме убавата градителска традиција во Македонија. Да го продолжиме она што го правеле нашите предци и да го дозавршиме она што го почнавме во 2012 година. Со нашето дело, ќе придонесеме и за Македонска православна црква – Охридска архиепископија, која е нашата вековна духовна мајка и столб на нашата државност, закрила на народната побожност и артикулатор на јавниот морал на денешните и идните генерации. Ќе помогнеме со уште едно велелепно светилиште да се даде придонес во одбраната на семејството од некои искривоколчени вредности, кои некои ни ги промовираат и од нападот кон традиционалните и морални вредности кои ги одржале нашите семејства и народ дури и во миговите на најголеми искушенија и загрозувања. Сега е времето на нашата мисија, истакна премиерот Груевски.

Време, додаде, во кое нашиот народ се соочува со бројни предизвици меѓу кои можеби најголемата е демографијата и рецесијата на нацијата, но и време кога можеме да дадеме одговори и тоа токму со нашите сопствени дела.

– Секој од нас кој верува во Бог веќе има изградено божји храм во својата душа и секој од нас којшто може треба да се потруди да смогне сили да помогне некој постоечки храм или да учествува во создавањето нов, овој пат не духовен, туку и материјален, и не само за себе каков што е оној во душата туку за народот исто како што создавал и Свети Климент и нашите предци, додаде Груевски.

donacija-gr500

Поглаварот на МПЦ-ОА нагласи дека споменот по урнатите храмови и мислите и желбата за нивна обнова никогаш не се престанати. Во изминатите две години за обновата на „Св. Константин и Елена“, како што рече, е направено многу и храмот и камбанаријата се во завидна градежна фаза. Храмот се обѕидува и од надворешната и од внатрешната страна, камбаните се веќе готови и изработени во леарницата во Инсбрук, Австрија.

– Самиот пак храм од аспект на архитектурата, со предвиденото внатрешно и надворешно уредување ќе биде храм- ремек дело во современото сакрално градежништво, во која до детали е запазена православната традиција и верувам дека ќе биде храм гордост за Скопје и за цела Македонија. Ќе биде споменик и ќе сведочи дека овде од секогаш и се сакало и се знаело како да се гради за бога и неговите светии, истакна Г.Г. Стефан.

Архиепископот охридски и македонски нагласи дека е добро што и оваа генерација продолжува да возобновува храмови и оти и покрај економските состојби секоја епархија е на некој начин градилиште.

– Очигледно духовните потреби и традицијата да издвојуваме за Бога и кога за себе немаме одповеќе придонесуваат и оваа генерација да ја красат бројни ктиторски и неимарски тајфи. И да не заборавиме, колку сме поблиски до Бога, толку стануваме и меѓусебно поблиски едни со други. Градбите за Бога градат од нас подобри луѓе и вградуваат во нас и богољубие и човекољубие, рече г.г. Стефан.

Донаторската конференција за обнова на црквата е во организација на Фондацијата „Св. Константин и Елена“. Со изградбата на црквата „Св.Константин и Елена“ Македонија ја одбележува и 1700-годишнината од втемелувањето на православието и потпишувањето на Миланскиот едикт, кој бил потпишан токму од Св. Цар Константин.