Македонија,Политика

Груевски: Довербата кај граѓаните се добива со многу работа

Груевски: Довербата кај граѓаните се добива со многу работа

Живееме во време кога се во животот се случува врз база на доверба, а довербата е важна не само во политиката, ние ја имаме таа доверба кај граѓаните, а до неа не се доаѓа лесно, туку со многу работа. Ние таа доверба ја добивме со намалување на стапката на невработеност во Македонија за десет проценти и тоа во услови на светска економска криза, довербата се стекнува кога за 7,5 години отворивме нови 120 илјади работни места,  од кои 5,5 години криза, реализиравме 1.300 проекти и со тоа ја стекнавме вашата доверба. Ова го истакна попладнево на митинг во Неготино претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Нагласи дека 590 милиони евра се исплатени за субвенции на македонските земјоделци од кои над 65 милиони евра се директно за субвенционирање на лозарството и на винарството. Со тоа, како што рече, е зголемен извозот на земјоделски производи.

„Во наше време се изврши легализирање на користењето на државното земјиште кое претходно се користеше долги години особено во Тиквешијата и над 1.650 земјоделци добија 1.700 хектари од ова земјиште. Дополнително се ослободени над 16 илјади хектари земјоделска површина за македонските земјоделци. Со закон се утврдија роковите за исплата на винско грозје од страна на винариите. Овозможивме субвенции за набавка на земјоделска механизација за македонските земјоделци на принципот педесет-педесет. Со тоа се набавени над 1.200 трактори за македонските земјоделци. Овозможивме и легализација на старите земјоделски машини кои не беа никаде евидентирани и не можеше да се регистрираат или продадат“, нагласи Груевски, пренесе МИА.

Во своето обраќање се осврна и на зголемените пензии, социјална помош, утврдувањето на минималната плата во државата, помошта за стечајците, обезбедувањето на здравствено осигурување за сите граѓани намалувањето на цените на лековите во неколку наврати, легализираирањето на бесправно изградените објекти,  можноста за откуп на дворните места по едно евро за квадратен метар зголемувањето на буџетот за образование за 67 проценти, воведувањето на бесплатни учебници, компјутер за секое дете, платен превоз за ученици, намалување на трошоците за студирање, спортски објекти  и дисперзирани студии и многу други поволности.

Груевски говореше и за идните проекти наведени во програмата.

„Ние сме најмногу фокусирани на иднината и на отворањето на нови работни места. Во наредните четири години ветуваме секоја година по 150 милиони евра за субвенции во земјоделството или вкупно 600 милиони евра, нови системи за наводнување, поволности за зголемување на производството на квалитетно македонско вино, намалување на ДДВ за сточна храна и промет на жив добиток, како и многу други поволности“,  рече Груевски.

Согласно новата програма, како што рече Груевски, предвидени се нови вработувања, зголемување на пензиите, социјалната помош и платите во јавниот сектор. Тој ги посочи инвестициите во патиштата и еднократниот отпис на долгови, отворањето на 30 нови фабрики и многу други проекти и поволности предвидени во новата програма.

Пред неготинци говореше и носителот на листата во четвртата Изборна единица, Зоран Ставрески. Тој им кажа дека доаѓал овде и кога им било убаво, но и кога имале проблеми за да им помогне. Потсети на се она што е направено во изминатиот период за пензионерите, земјоделците, стопанствениците и граѓаните воопшто.

„Кај македонските земјоделци завршија 550 милиони евра. Така се сака македонскиот земјоделец“, нагласи Ставрески.

Истакна дека во следнитечетири години ќе се реализираат 2.046 проекти со точни рокови и опис, кој ќе го реализира тој проект и со конкретни финансии.

„Апелирам секој да ги погледне програмите што се нудат и ќе ги види разликите. Во нашата програма се опфатени сите категории на граѓани. Ветуваме најмалку 64 илјади нови работни места“, рече Ставрески.

Говореше за поддршката за младите семејства и земјоделците.

„Сто и педесет милиони евра годишно ќе одат за субвенции и рурален развој, а ќе има и намалување на ДДВ за сточна храна и промет на жив добиток во новата програма“, додаде тој.

Им вети на неготинци дека и понатаму ќе се залагаат како и досега винариите навреме да го плаѓаат грозјето.

Пред присутните се обратија Павле Трајанов и Амди Бајрам, како и кандидатот за пратеник во оваа изборна единица од Неготино, Благородна Бојаџиева.