Груевски: Две години нè обвинуваа, а денес се докажа дека лажат

Сакам да кажам дека ми е многу жал што господинот Заев повторно ја злоупотребува трагичната смрт на новинарот Никола Младенов во политички цели. Тоа СДСМ го правеа непрекидно и тој лично во минатите две години, особено во последните неколку недели и месеци,  истакна во вестите на Сител премиерот Никола Груевски, по објавувањето на денешната 30-та бомба на лидерот на СДСМ Зоран Заев.

-Но еве денеска последно излезе со обид за манипулација со чувствата на јавноста, чувствата на неговото семејство, но кога веќе тоа го прави би сакал да истакнам дека единствено што можам да кажам е дека можам да му се заблагодарам на Заев што иако колку и да се трудел да ги монтира, да ги сече и да ги лепи овие материјали, сепак е сосема јасно дека власта немала никаков удел во трагичната смрт на Никола Младенов, рече тој.

Овие разговори , рече, какви и да се и колку и да се креирани, покажуваат дека сите оние шпекулации и сите оние теории на заговор дека било нешто наместено, дека му била искреирана сообраќајна несреќа, затоа што бил критички кон власта, сите тие шпекулации и местенки, посочи Груевски, со кои не беше лесно да се живее две години.

-Ние две години живееме со тука и таму, јавни и полујавни шпекулации и теории на заговор дека нешто му се случило на него од страна на власта и дека ние веројатно и можеби нешто слично сме направиле за тој така да заврши, додаде Груевски.

Потенцираше дека може само да му се заблагодари на Заев, бидејќи со објавувањето на овие материјали, колку и да сакал да ги направи да изгледаат поинаку, секој што ги слушнал ќе му стане сосема јасно дека властите немале никаква улога во трагичното загинување на Младенов.

Груевски посочи дека што се однесува до Владата, до ВМРО-ДПМНЕ тие не само што се согласуваат туку и поддржуваат да има нова, дополнителна истрага, со вклучување ако сакаат и на членови на семејството, на представници на СДСМ или други политички партии, на експерти, новинари.

-Немаме ништо против, иако ние воопшто не се сомневаме во исправноста на постапката на обвинителите, во исправноста на постапката на институциите, меѓутоа еве заради поголема доверба во процесот, да не останат повторно некои шпекулации или дека нешто се прикрило, поддржуваме таква работа и што побрзо таа да се случи и да се реализира, истакна премиерот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.