Груевски: Економските показатели укажуваат дека имаме стабилен и забрзан раст

Податоците на Државниот завод за статистика за раст од 13,1 процент на индустриското производство во октомври и за 8,1 отсто на прометот во индустријата укажуваат дека имаме стабилен и забрзан раст на индустријата, оцени денеска премиерот Никола Груевски.

Компаните кои се во индустријата прават добри заработки и тие понатаму ќе може да ги инвестираат во нови капацитети, што ќе значи отворање нови работни места. Јас сум многу задоволен од тоа како се одвиваат работите со растот на индустриското производство, а и исто така и со растот на БДП, истакна Груевски,одговарајќи на новинарско прашање по почетокот на градежните работи на втората фаза од проектот за пробивање на булевар „Партизански одреди“ кон општина Ѓорче Петров.

Податокот што Државниот завод за статистика го дава како прогноза за оваа година за раст на економијата, односно на БДП од 3,5 отсто, како што рече, е ист со ревидираната проекција на Владата за раст на економијата за оваа година.

Јас се надевам дека тоа успешно ќе се реализира. Тоа е една од поголемите растови на економијата во Европа и верувам дека така ќе продолжиме и следната година, дури и уште повеќе од ова. Мало влијание на растот на економијата имаше создадената од страна на опозицијата политичка криза во првата половина на година. Првичниот раст очекувавме да биде 3,8 отсто, но заради таа криза го ревидиравме подоцна на 3,5 отсто, што се уште е едно од најдобрите остварувања во Европа, рече Груевски.