Груевски: Економските проблеми во Европа, главна тема на Самитот на ЕПП

Економските проблеми во Европската унија и воопшто во Европа, предизвиците во овој поглед и начините како да се подобри економската состојба биле главна тема на денешниот Самит на Европските народни партии (ЕПП), најголема политичка група на “стариот континент” и најбројна партија во Европски парламент.

Ова во изјава за МИА, го посочи претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, кој е на Самитот во Брисел во својство на македонски премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, партија што е дел од европската десничарска партија, јавува дописникот на МИА од Брисел.

Според Груевски, главната тема на овој Самит била поврзана со економијата, посебно што ова е последен Самит на ЕПП со сегашниот состав на Европската комисија оти за една недела, на должност би требало да стапи и новата Комисија. По тој повод, во зградата на Кралската академија во Брисел каде се одржа Самитот на ЕПП, денеска беа присутни и претседателот на сегашната ЕК, Жозе Мануел Барозо, неговиот наследник Жан-Клод Јункер, но и германската канцеларка Меркел, како и голем број други премиери и претседатели на земјите чии партии се на власт, а се членки на Европските народни партии.

– Како што споменав, главната тема беше поврзана со економијата. Се говореше за создавање на голем инвестициски пакет за инвестирање во Европската унија, како идеја на Јункер. Најмногу се коментираше за овој пакет, кој, како што забележав, се уште не е детално разработен, за тоа како и на кој начин би се инвестирало. Станува збор за сериозна сума која се споменуваше и се чини дека се работи за сериозен план. Останува истиот овој пакет да биде разработен во наредните месеци, вели премиерот Груевски.

Покрај ова, според првиот човек на македонската Влада, се говорело и за други работи, а тема биле и случувањата со и околу Исламската држава на Левант и Сирија (ИСИС), украинската криза и случувањата со еболата, каде покрај Соединетите Американски Држави и ЕУ прави сериозни напори за да помогне.

– Сепак, 80 проценти од денешните дискусии беа поврзани со економијата во ЕУ и, пред се, проблемите што во оваа сфера се соочува Унијата, како и со предизвиците со кои понатаму ЕУ треба да се справува и начините како тоа да го прави и се што е поврзано со ова, подвлече Груевски.

На маргините на денешниот Самит, премиерот имаше можност и лично да му честита на Жан-Клод Јункер за изборот на новиот состав на Европската комисија, а оствари и низа куси и неформални разговори со премиерката на Норвешка, Ерна Солберг, со унгарскиот премиер Виктор Орбан, со членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Бакир Изетбеговиќ. Претседателот на Владата на нашата земја, исто така се сретнал и со потпретседателот на Европските народни партии, Марио Давид и со шефот на пратеничката група на ЕПП во Европарламентот, Манфред Вебер.

По завршувањето на Самитот на ЕПП, Никола Груевски е на средба со првиот човек на европските демохристијани, Жозеф Дол, додека во текот на утрешниот ден, тој ќе има средби со еврокомесарот за проширување, Штефан Филе и со директорот на Генералниот директорат за проширување на Европската унија, Кристијан Даниелсон.