Груевски: ЕМО ќе биде рестартирано

Премиерот Никола Груевски при денешната посета на Охрид најави рестартување на ЕМО. Тој истакна дека две германски компании се заинтересирани за делови од компанијата.

Тој додаде дека ОДВ Електрик се во завршни подготовки за оваа компанија да ги почне првите чекори за инвестирање, односно за да почнат со производство и вработување. Според премиерот тие ја објавија инвестицијата и веќе нема дилема дали таа ќе се случи.

– Работиме и што е можеби најважно за вас на привлекување нови инвестиции и отворање нови работни места во Охрид, истакна премиерот и додаде дека и со другата германска компанија се во завршни преговори.

Потенцира дека што се однесува до отворањето нови работни места Владата нема да застанеме тука.

– Ќе продолжиме, рече, да бараме и други инвеститори, не само овие две-три што ги споменав, кои не се малку по број на вработувања, кој изнесува веројатно над 2.000 во првите три години, но работиме и други да привлечеме. Во разговори сме и со други, секако тие се во почетна фаза и не би сакал да спомнувам, ниту да ветувам, меѓутоа работиме овој проблем за Охрид да биде максимално надминат колку што е тоа можно. Сакам да знаете дека сме силно фокусирани на тоа, изјави премиерот Груевски при посетата на Охридско.

МИА