среда, 24 мај 2017  |  Вести денес: 42

Груевски: Етикетите за шовинизам се лажна пропаганда на Сорос

„Република“ го објави вториот дел од мега интервјуто со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски. Во овој дел од интервјуто зборува за средбата со Сорос, за што разговарале, за етикетата дека ВМРО-ДПМНЕ е националистичка партија, но и за многу други интересни теми.

сорос

Поврзани вести

Дали тоа што го прави Сорос е повеќе против Вас или повеќе за нив, односно опозицијата?

Мислам и двете. И мислам и за второто не е свесен. Не е свесен дека овој народ во 2006 година беше паднат на колена со речиси 39 отсто невработеност, највисока во Европа тогаш, и 32 отсто стапка на сиромаштија, рангиран на 105. место на неговата „Транспаренси интернешнел“. Токму тие против кои се бори тој, а тоа сме ние од ВМРО, и покрај сите кризи и пречки, невработеноста  ја сведоа на околу 23 отсто, стапката на сиромаштија на околу 21 отсто, а на рангирањето на корупција имаме скок од 105. на 66. место. Дека пензиите пораснаа за повеќе од 70 отсто, а најниските за повеќе од 90 отсто, социјалната помош, исто така, повеќе од 70 отсто, дека веројатно имаме најмногу медиуми меѓу тие земји гледано по број на жители во Европа. Дека веќе судовите не ги избира парламентарното мнозинство, како што беше во време на СДСМ, туку  постои многу посложен систем во кој влијанието на извршната власт е разбиено во најголема мера, особено по последните законски измени што влегоа во сила пред две-три години. Македонија, според официјалното рангирање на Светска банка, е петта во Европа и десетта во светот според условите за правење бизнис. Како држава, најлошо стоиме на индексите што се финансирани од Сорос, од типот „Репортери без граници“, „Фридом хаус“ и слични. „Бизнис инсајдер“ нѐ прогласи за земја со најниска ефективна даночна стапка на светот од 7,4 отсто. А консултантската куќа на ИБМ нѐ прогласи за земја со најмногу странски инвестиции по жител во Европа во последните две години. Направивме повеќе реформи во сите области од сите влади досега, и затоа ја добиваме поддршката од народот.

Овие работи никој не му ги кажал, а ако некој му ги каже, тој пак ќе им верува на тие што му се блиски, кои, очигледно, го набиваат само со лоши и многу лажни информации за нас за потоа да добијат пари од него за борбата против нас.

Што е резултатот од овие пари на Сорос во Македонија, радикализирање, антагонизирање и  поларизирање на односите до ниво на конфликт во Македонија. Од каменување на стотици и на стотици полицајци, напади со бетонски плочки и со железни прачки, до уништување владини објекти, парламентот, министерства, општини, споменици, државни објекти и полициски станици. Радикализација преку блокирање на сообраќајот во самите градови, до бркање странски инвеститори и целосно парализирање на земјата.

Пред неколку години се сретнавте со Сорос во Прага. За што разговаравте?

Таа средба беше кратка, 15-20 минути и беше во рамки на конференцијата за Декадата на Ромите, област во која Сорос, исто така, е активен и финансира повеќе проекти во повеќе држави. Сите присутни премиери и водачи на делегации имавме кратка средба со него и со неговиот тим, на која главна тема беа активностите на владата за помош на Ромите, поле во кое сме меѓу најуспешните во споредба со другите земји од Источна Европа, иако имаме уште многу работа. Сосема на крајот тој праша за процесот за наоѓање решение за името, укажа дека е добро побрзо да се реши ова прашање и укажа дека Папандреу ќе биде уште кратко премиер и дека потоа ќе е потешко за решавање, нешто што го знаевме, но, за жал, за клучните аспекти од проблемот и Папандреу ги држеше истите и добро познати црвени линии на Грција, кои во Македонија се неприфатливи. Кажа и неколку други детали од овој процес, од кој видов дека е добро запознаен. Друго не разговаравме, немаше ниту време, ниту се чувствуваше подготвеност за тоа.

Сорос е остар критичар на националистичките влади. Вас Ве следи таква аура од почетокот…

Сликата за нас дека сме националисти е искривена и невистинита. Под зборот националисти тие сакаат да нѐ прикажат како шовинисти, луѓе што освен што ја сакаат својата нација, сакаат да ѝ наштетат на друга или ја мразат, не гледајќи ги припадниците на другата нација како луѓе и човечки суштества, туку само како дел од некоја етничка заедница или држава. Национализмот, традиционално, се смета за приврзаност кон својата земја, а во последно време, од некои кругови, добива негативна конотација. Шовинизмот е омраза кон другите.  Значи, Сорос и другите сосема неправедно делат етикети за шовинизам, на влада и партија што е мултиетничка, земја во која има соживот и толеранција. Тоа ВМРО-ДПМНЕ ниту било, ниту сега е. Тоа не сум јас. Никој не може да знае подобро за мене од мене самиот. Но, не се сомневам дека цицачи на пари од Сорос ни направиле таков портрет и дека повремено, со полуинформации, со дезинформации, со извртени информации, како што прават во нашата јавност, го дополнуваат и кај него.

Со оглед на тоа дека кај нас овој збор најчесто се користи во смисла на меѓуетничките односи и релации, ќе се осврнам и ќе аргументирам во тој дел. Јас, колку што се сеќавам, токму партијата што Сорос индиректно или директно ја поддржува, СДСМ, токму таа партија во деведесеттите години ги тепаше Албанците во Гостивар поради поставување нивно знаме пред општината и ги затвори политичарите што го направија тоа. И, колку што знам, токму ВМРО-ДПМНЕ ги ослободи тие политички затвореници и донесе Закон за употреба на знамињата на етничките заедници со кои се овозможи нивна легална употреба. Јас, колку што знам, токму СДСМ во деведесеттите години ги тепаше Албанците кога формираа свој универзитет во Тетово, па дури кога им требаа да ги донесат на власт по 2002 година им го легализираа. ВМРО-ДПМНЕ го поддржа првиот универзитет на албански јазик – Штуловиот универзитет и до денес го поддржуваме преку средства од буџетот, како негово кофинансирање.

Згора на тоа, поддржавме уште еден нов универзитет, кој ќе биде доминантно на албански јазик во Скопје, а ќе се учи и на македонски и на албански јазик, Универзитетот „Мајка Тереза“. Кога се гласаше во парламентот за Тетовскиот универзитет во 2004 година остро се спротивставивме на фактот што се гледаше дека се прави без да се внимава на квалитетот на универзитетот. Денес тоа околу квалитетот е повеќе од јасно и никој не го спори, особено не по националното рангирање, кое го прави една од најпознатите меѓународни институции во светот, од што се гледа дека на тој универзитет има многу работи да се поправат кај квалитетот, што е, пред сѐ, во интерес на Албанците во Македонија бидејќи тие ако се со помало знаење ќе бидат помалку конкурентни на пазарот на работна сила. Но, во интерес е и на Македонците, за да имаме поконкурентни сограѓани Албанци и да се бориме со идеи, знаење, а не со примитивни нешта и за заеднички да бидеме меѓународно конкурентни како држава. Лично, со голем ентузијазам ја  промовирав одлуката за новиот Универзитет „Мајка Тереза“ во Скопје, иако првите чекори што се направија потоа во правец на основањето, откако јас излегов од владата, не ветуваат дека ќе биде поквалитетен од Тетовскиот универзитет. Но, со оглед на тоа дека е во рана фаза, сѐ уште има некои можности за подобрување ако има политичка волја за тоа. Мојата желба и план беше да се направи меѓународно конкурентен универзитет, елитен во смисла на знаењето и на вештините, а не втор Тетовски универзитет. Не им се прави услуга на Албанците ако се направи уште еден универзитет со ниски стандарди и квалитет. Но, за тоа во друга пригода. И да се навратам на почетокот на прашањето. Каде е тука сликата на национализам и на шовинизам што сакаат да ја изградат за нас и по што Сорос би заклучил дека сме такви. Нема реална основа за ништо од ова.

Зборувате за владините проекти за поддршка на меѓуетничките односи и релации, за Законот за употреба на знамињата на етничките заедници со кои се овозможи нивна легална употреба, и за поддршката на Албанците во образованието. Но, и Вашиот имиџ е обременет со истиот товар – важите за националист, наспроти напорите на Сорос во тој правец…

Така е, ќе се вратам на стереотипот дека ние сме националисти, особено кон Албанците.

Колку што знам, токму во време на ВМРО-ДПМНЕ се донесе Закон за употребата на јазиците, а не во време на СДСМ, а за уставните амандмани во овој правец заеднички гласавме во 2002 година.

И со ништо не сме го спречиле нивното спроведување. Значи, тие што ги тепаа и затвораа поради поставено знаме, поради отворен универзитет, не се националисти, а тие што ги ослободија политичките затвореници со специјален Закон за амнестија, кои донесоа Закон за употреба на знамињата, кои отвораат без проблеми универзитети на кои може да се учи на албански јазик, и уште се борат тие да се поквалитетни, и тие што донесоа Закон за употреба на јазиците, кој со ништо не го спречија во неговото спроведување, тие се националисти. Види мајката. А, да не е, можеби, така затоа што секојдневно медиумите финансирани од Сорос им го говорат тоа на Албанците?

Зошто не бевме националисти кога донесовме Закон за администрација пред две години со прецизни одредби за правичната застапеност на етничките заедници во секоја институција на државната администрација за при примањето на работа да се внимава на тоа и за тоа се изработи софтвер со прецизно направена формула. Значи прецизно одредено со закон.

Што не бев јас националист кога доцна во ноќта во август 2015 година прв од сите политичари во земјата стигнав во Шипковица, во Мала и во Голема Речица, кога требаше да им се помогне на луѓето, да се спасуваат преживеаните, да се трага по исчезнатите, да се помогне со сѐ, на настраданите куќи, да се донесе механизација од цела држава, да се вклучи војската, да се донесат огромни спасувачки тимови, кога по телефон ги разбудив сите директори и министри барајќи веднаш да се вклучат во акцијата. Го прави ли тоа националист, кој мрази некого или сака да му направи штета? Слично беше и лани со поплавите во Гази Баба, колку што помагавме кај Македонците, толку помагавме во албанските села и домаќинства… Како што се борам за Македонците кога се на мака, така се борам и за Албанците. Никогаш не сум ги двоел. Сѐ друго е пропаганда. Лажна и валкана политичка пропаганда на неспособни луѓе.

Често се споменува дека има различен аршин при инвестирањетоод буџетот. Дали е така?

Не е точно. Секаде се инвестира и се внимава да е етнички урамнотежено. Зошто не сум националист кога на влада предлагам или поддржувам градби на патишта, водовод и канализациски мрежи, пречистителни станици во места населени со Албанци, или зошто не сум националист кога Албанците во Македонија, како и другите првпат видоа поддршка преку субвенции, видно зголемување на пензиите и на социјалната помош, донесување фабрики што отвораат нови работни места, како „Леар“ во Тетово, или многуте во Скопје, како „ОДВ електрик“ и „Костал“ во струшко-охридскиот регион, или „Ки сејфти системс“ во Кичево, и кои отвораат многу работни места и перспектива за сите, вклучувајќи ги и Албанците. Се сеќава ли некој некогаш СДСМ, било за Албанците, било за Македонците, да привлекол и отворил новоизградена фабрика во која ќе се вработат илјада, две или три илјади луѓе? Не се сеќавате затоа што нема такво нешто. Или СДСМ да дал субвенции на земјоделците, или повисоки пензии на пензионерите. Епа, зошто го прават тоа „националистите“, а не и СДСМ? И да видиме кој е сега националист, кога ќе ги погледнеме сите овие факти и аргументи.

Извор: Република

Најчитани вести