Груевски: Фактите треба да се докажат во транспарентна постапка, не треба да се брза со одлуки

Не треба да се брза со какви било одлуки. Треба да се сочека во една транспаретна постапка да се утврдат фактите.  Секако, одлуките ќе бидат во склад со интересите на државата и со интересите на граѓаните на Република Македонија, посочи премиерот Никола Груевски на денешната собраниската седница за пратенички прашања.

Груевски одговараше на прашање на пратеничката Солза Грчева за тоа зошто не се разрешени првиот човек на УБК и на МВР по случајот со прислушувањето. Според неа, автентичноста на телефонските разговори, кои ги објавува опозициската СДСМ, досега никој не ја оспори. Случајот, вели Грчева, покажал дека нашиот безбедносен систем е колабиран.

– Вчера на јавноста мошне опсежно елаборирав околу сите овие прашања, но би одговорил на директното прашање на Грчева во правец на одговорноста на одредени лица. Јас вчера посочив, ќе повторам и денеска дека моето мислење е оти во овој момент не треба да се брза со какви било одлуки на тој план, дека треба да се сочека во една транспарентна постапка да се утврдат фактите, деталите, да не се суди никој однапред, да се види што се случувало точно, што се сите анализи па потоа на крај да се носат одлуките. Секако одлуките ќе бидат во склад со интересите на државата и со интересите на граѓаните на Република Македонија, изјави премиерот Груевски.