Груевски: Фантомски гласачи, немало, нема и ќе нема, сето тоа е лакрдија на СДСМ

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски во гостувањето во Дневникот на ТВ Сител уште еднаш го повтори ставот изнесен во денешното соопштение на владејачката партија, со кое што од партијата на власт им порачаа на СДСМ и на ДИК, ако сакаат не 150 или 160 илјади, туку ако сакаат да проверуваат и 2 милиони и 150 и 160 илјади гласачи.

Груевски во интервјуто рече дека перцепцијата што сакаат да ја создат СДСМ со избирачкиот список е хаотична колку што се и самите во бројките. Како што рече, СДСМ прво рекле дека имало околу 30.000 спорни гласачи, па потоа 100.000 за на крај да стигнат до бројката од половина милион гласачи.

СДСМ се пред пораз. Покрај толку валкани работи за да дојдат на власт сфатија дека се прочитани, и дека ќе бидат поразени како во 2014-та. Сакаат да создадат алиби, дека кој знае што се случува со списокот. Имаа 5 претседатели на ДИК кои немаа никаков проблем со тоа. Нивните членови го тероризираат ДИК со разни закани, дека ќе го напуштат, за да издејствуваат поголема бројка на граѓани кои ќе бидат проверени. Ако реално треба 10.000 да се проверат, тие гледаат да бидат 100.000 или 500.000, ако може пак да ги одложат изборите, или ако одат на избори да им биде алиби дека имало 500.000 фантомски гласови. Ова многу ќе ги чини, ќе ги збудалат луѓето.Тоа се чесни луѓе кои гласаат согласно закон. Фантомски гласачи, немало, нема и ќе нема. Ова е најобична лакрдија на СДСМ. Ова е битка за оправдување на поразот“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во вестите на Сител.