Груевски: Финишира изградбата на патот од Скопје кон Сончев град, идниот месец ќе се пушти во употреба (ФОТО)

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заедно со министерот за траспорт и врски Владо Мисајловски изврши увид во активностите на патот од Скопје кон Сончев град кој кон средината на месец јуни ќе биде пуштен во употреба.

„Она што е завршено е асфалтот и сега треба да се постават оградите и да се нацртаат лентите и да се пушти во употреба, проценката е некаде дека за две до три недели некаде околу 4 километри и 400 метри пат кон Сончев град кој што ќе биде алтернатива и за Сопиште како поблиска релација кон градот Скопје ќе биде пуштен во употреба. Вкупната сума изнесува 7 милиони и 700 ијади евра нешто што долго се зборуваше во минатото дека натаму треба да се направи овој пат и тој ќе користи и за целата општина Сопиште и за новата населба Сончев град што треба да се изгради“, рече Груевски.

Нагласи дека тоа што го ветиле на граѓаните на Сопиште веќе е во завршна фаза и покрај ова почнува градба на патот Сопиште-Припор, како и изградбата на водоводот кој е во длабока фаза на реализија, проект вреден 2,3 милиони евра. Груевски додаде дека овој водовот се очекува да снабди со вода 12 населени места.

„Исто така, во населеното место Света Петка се заврши и реконструкцијата на водоводот и се ова што го зборувам сме го ветиле на граѓаните и во нашата програма, но и на терен“, рече Груевски.

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски потенцираше дека до финиширање на патот останува само поставувањето на хоризонтална и вертикална сигнализација како и да се постави ластична ограда за да може да се пушти во употреба.

„Целата инвестиција е вредна 7,7 милиони евра со дополнителните работи што се направени, со дополнителни ископи и дел од земјиштето што поради одроните мораше да го допроектираме“, рече Мисајловски.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.