Груевски: „Гентерм“ ќе отвори нови 2.000 вработувања во Прилеп

Гентерм, германската компанија од автомобилската индустрија ќе инвестира во слободната економска зона во Прилеп, што ќе овозможи 2.000 нови вработувања од кои 1.000 во првите две до три години, изјави премиерот Никола Груевски на денешната собраниска седница за пратенички прашања, пренесува МИА.

Компанијата Гентерм, вели Груевски, според она што го најави планира да отпочне со градба на нивната фабрика во слободната економска зона во Прилеп во средната на март и некаде до крајот на октомври следната година според нивниот план треба да биде завршена. Паралелно на тоа ќе се догради зоната, за што вчера Агенцијата ТИРЗ го отвори последниот јавен повик за изведба на одредени работи во самата зона што треба да завршат, исто така, во октомври паралелно градејќи се со фабриката на Гентерм.

– Компанијата е од автомобилската иднустрија и доаѓа од Германија. Се работи за крупна, значајна компанија која ќе помогне на многу луѓе во Прилеп и поширокиот регион, не само заради директните 2.000 вработувања, 1.000 плус 1.000, туку и заради многуте индиректни вработувања кои очекуваме да се создадат со користење на локални фирми, локални добавувачи, локални услужни дејности што ќе бидат потребни за самата фирма, за самата компанија, рече Груевски.

Во врска со најавата на Владата за реконструкција на прилепската болница заедно со битолската болница и за нов ургенетен центар во кумановската болница, како и за набавка на одредена опрема за што ќе бидат инвестирани 210 милиони денари, информира заменик министерот за здравство Јовица Андоновски.

– Станува збор за средства што ги обезбедивме од остварените заштеди од тендерот за набавка на инсулин и ленти за мерење шеќер. Само од овој тендер вкупната заштеда беше над 3,8 милиони евра. Така е донесена одлука на Владата за распишување на тендери за набавка на шест томографи од кои едниот ќе биде во Прилеп и во другите болници, рече Андоновски.

За болницата во Припел се планира реконструкција на операционите сали и на сите тоалети и промена на подовите. Вкупната инвестиција се планира да изнесува околу 40 милиони денари, а реконструкцијата треба да заврши на крајот на септември 2016 година.

Нa прашање за одржување на попис, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска изјави дека наспроти прибирање податоци на терен, институциите водат редовно ажурирање на базите на податоците за домаќинствата и други релевантни податоци по методологија која е прифатена во земјите на ЕУ или воопшто сите напредни држави во светот.

– За волја на вистината, во последниве години се направи автоматизација на многу процеси што значи дека оној субјективизам од минатото на кој понекогаш реферираме или се навраќаме практично станува невозможен заради електронските услуги кои им се достапни на граѓаните, заради електронските евиденции, заради размената на податоци во реално време, заради интероперабилноста која одреден дел од институциите ја применуваат токму во реално време, што само по себе значи редовно ажурирање на базите на податоци. Ненавлегувајќи во политичката димензија на пописот која несомнено е присутна во РМ заради нашиот општествено политички систем јас сакам да ја уверам пратеничката Буралиева дека секогаш кога Владата и сите надлежни институции треба да направат одредено планирање, а за тоа се потребни влезни податоци со кои државните институции располагаат, тие користат односно имаат на располагање бројки кои се ажурирани, рече Јанкулоска.

Таа додаде дека без разлика кога Собранието ќе излезе со официјална и формална одлука со датум за спроведување попис институциите во тој меѓу период ќе продолжат да си ја вршат својата работа онака како што ја вршат досега, дури и со подигнување на стандардите на работа кој ги применуваме во секојдневното живеење.

– Секој оној кој има потреба од каков било податок настојуваме да го добие во најажурирана можна форма, односно податок од најскоро време онака како што на Буралиева на нејзино барање и беа доставени податоците од Регистарот на државјани, податоците за лицата кои имаат живеалиште во РМ и лица кои имаат живеалиште надвор од РМ што само по себе зборува дека тоа е условно речено жива материја, бројките се менуваат на дневна основа, населението и по однос на бројки и по однос на миграциските процеси трпи промени и сите тие промени се евидентирани од страна на надлежните институции. Истото се однесува и на домаќинствата и на сите оние други податоци кои се релевантни за економските планирања што верувам дека госпоѓата пратеник ќе се сложи е нешто што е многу важно за една држава и нешто што очигледно врз основа на конкретни резултати и конкретни мерливи параметри се прави на високо ниво на квалитет, рече Јанкулоска.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.