Градежна и инфраструктурна експанзија во општина Долнени

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заедно со неговите соработници денеска ја посети општина Долнени каде што оствари средба со жителите и изврши увид на неколку инфраструктурни работи кои се во тек.
Тој нагласи дека Долнени била подолг период неоправдано запоставувана општина од инфраструктурен аспект, како што рече – од поранешените локални власти или поради нешто друго. Тргнувајќи од тоа, рече Груевски, ние во последните години започнавме една поголема акција за средување на овие состојби и досега има солидни резултати.
Само денеска започнавме да градиме два патни правци,  а тоа се од Дупјачани до Небрегово и од Мраморани до административната граница на општина Долнени со Прилеп, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде дека е завршен патот Мраморани-Дупјачани, долг 5,2 километри. Груевски истакна дека ќе се направи обид и ќе се бара начин да се заврши уште еден патен правец Дупјачани-Дреновце за којшто денеска жителите посочија дека е еден од приоритетите во оваа општина.
Потсети дека во изминатите година-две во овој дел се средени патиштата за Белополе, чија изградба ќе почне во октомври. Минатата година е пуштена во употреба спортска сала во Житоше, а во населеното место Дреновце се гради водовод кој, најави Груевски, треба да биде завршен за три месеци.– Се  изгради патот кон Зрзе од 7,5 километри што е доста значаен за манастирот и манастирскиот туризам.
Во тек е и најголемата инвестиција во оваа општина, а тоа е патот Црнилиште-Ропотово-Лажани  во којшто се вложуваат еден милион и 800 илјади евра. Патот е долг 17 километри, од кои 14 километри веќе се завршени, а се проширува патот од 3,5 метри на 4,6 метри, појасни Груевски и додаде дека овој пат поврзува повеќе од шест населени места.При крај е и реконструкцијата на Домот на културата во Ропотово, инвестиција во висина од 5,5 милиони денари буџетска поддршка за општината Долнени. Се очекува да биде завршена во август.
gruevski-misajlovski-dolneni
Груевски изврши увид во изградбата на мултифункционално игралиште во износ од 150 илјади евра  во Ропотово, кое се очекува да биде готово до крајот на идниот месец.
Се завршија и доста реконструкции на училишта, така што можам да кажам дека по долго време има фокус на инфраструктурните објекти во Ропотово, не само од страна на општината, туку и од страна на централната власт. Централната власт помага колку што може, а општината прави максимум од она што го има како буџет на располагање, изјави Груевски и најави дека ќе се продолжи со заедничка соработка да се решат што е можно поголем дел од проблемите на граѓаните.
Тој истакна дека само во изминатите три до четири години завршени се 40 километри патен правец и тоа реконструкција, градба, некои се проширени, некои локални, некои регионални.– Овде има можеби тивка, но сепак една градежна инфраструктурна експанзија и ќе продолжиме во наредниот период со тоа темпо.
И уште еднаш ќе кажам дека неоправдано во минатиот период оваа општина била запоставена и токму затоа ги замолив моите соработници да обрнат повеќе внимание и тоа го правиме во последниве години, изјави Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ја заврши посетата на општина Долнени и населените места со посетата на манастрискиот комплекс „Св. Преображение” во село Зрзе, каде што направи увид на патниот правец село Костинци – село Зрзе – манастир „Св. Преображение”.За обнова на манастирот „Св. Преображение” и за археолошки истражувања како проект на Министерството за култура инвестирани се околу 92 милиони денари.
За реконструкција на патот во должина од 7,5 километри, завршен на 15 септември 2015 година чиј носител е Минситерството за транспорт и врски, инвестирани се средства во висина од милион и 600 илјади евра.