Груевски: Градоначалниците да создадат услови за „Купи куќа за млади“ и за инвеститори

Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски денеска ги повика градоначалниците од неговата партија поинтензивно да работат на  реализација на проектот „Купи куќа за млади“ и да се заложат максимално нивните општини да бидат подготвени за инвеститори и за отворање индустриски капацитети.

Во однос на проектот за домување Груевски од нив очекува да се вложат посветено во изработката на планови за локации за да има што поголем број куќи со кои ќе се реши станбеното прашање на младите до 35 години. Проектот го помага државата со средства, но за тоа е потребно градоначалниците и општините, рече Груевски, да обезбедат услови и повеќе локации за продажба.

Ги повика да бидат посветени и на индустриските зони, порачувајќи им дека секоја општина во секој момент треба да има поголем број слободни, подготвени локации, урбанизирани и со комуналии доколку, како што рече, градоначалникот реално и искрено сака да му дојдат инвеститори.

Таму каде што нема, значи дека градоначалникот не сака или не е заинтересиран толку многу за тоа. Мора да се најде начин секоја општина да има не една туку повеќе подготвени локации за индустрија, за капацитети каде би се вработувале луѓе. Од тој аспект, државата максимално ќе помогне, централната власт е подготвена, проектите се објавени и сега во голема мера зависи од вашата брзина на подготовка на одговорите, но секако и од соработката со Министерството за транспорт и врски, Катастарот и со други институции, рече Груевски нагласувајќи дека од нивниот ангажман зависи колкава ќе биде невработеноста во општината.

Како позитивен пример ја посочи Општина Василево каде што четири индустриски зони веќе се распродадени и невработеноста паднала на 5 отсто.