Груевски: Го поставивме граѓаниниот онаму каде што заслужува – на врвот на пиедесталот!

Граѓаните ја сакаат Македонија и тие одлучуваат за секој следен чекор и проект за кој ние се обврзуваме заедно да го напишеме и уште поважно- заедно да го реализираме. Ја размрдавме сцената и по долги децении го поставивме граѓаниниот онаму каде што заслужува- на врвот на пиедесталот. Таму и ќе остане секогаш!

Ова го истакна премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во обраќањето по повод почетокот на кампањата за прибирање идеи од граѓани за новата програма на партијата.

Пред неколку години започнавме еден процес кој тогаш беше оспоруван, па дури и исмеван и тоа не заради суштината, туку како резултат на стравот од промени на нашиот противник, на нивната зачмаеност во сивилото и немање на светоглед, немање на амбиција за одење напред, за натпревар со најдобрите, за споредби со Европа, за конкурнетност со светот. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ излезе со програма „Преродбата во 100 чекори“ и ја дигна летвичката на политичкиот стандард многу високо, започна нова ера во која во центарот на политичката филозофија го става искрениот однос помеѓу понудат на партијата и довербата на граѓаните, на јасни основи, прецизно и конкретно. Тоа постави стандард под кој не може повеќе да се оди подолу и не смее да се оди и нема да се оди. Ја размрдавме сцената и по долги децении го поставивме граѓаниниот онаму каде што заслужува- на врвот на пиедесталот. Таму и ќе остане секогаш, истакна Груевски.

Преродбата, потенцира, прерасна во проширена и надградена за да биде наследена од „Манифестот за реформи и развој“ и „Проверено“.

Во тој период со макотрпна работа, со пресинг на секој дел од теренот, со беспоштедна борба на секој еден од нас, заедно со вас граѓаните, низ многу непроспиени ноќи, работни викенди, лета, пролети, зими и есени, ние успеавме да реализираме над 3.000 проекти, кои јасно ги имавме претставено пред граѓаните прегледно, со конкретни описи, со рокови, буџети, носители, ефекти. Три илјади проекти кои не ги решиле сите проблеми, но решиле многу, решиле барем еден проблем на секој еден граѓанин, без разлика на нација, вера, пол или имотен статус, политичка припадност, без разлика дали гласал или не гласал за нас или воопшто пак не гласал, додаде претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.