Македонија,Политика

Груевски-Ховит: За Македонија е значајна поддршката од европските институции

Груевски-Ховит: За Македонија е значајна поддршката од европските институции

Претседателот на Владата Никола Груевски, денеска оствари средба со известувачот за Република Македонија во Европскиот Парламент, Ричард Ховит.На средбата беше разговарано за европските интеграции на Македонија, за реформите и мерките кои се превземаат во насока на исполнување на пропишаните стандарди, како и за целината на интегративниот процес на државата.

Соговорниците се согласија дека позитивниот извештај и петтата по ред препорака за преговори со Европската Комисија преставува позитивен сигнал во приближувањето кон Европската Унија и потврда за сработеното на тој план.
Премиерот Груевски истакна дека за државава е значајна поддршката која се добива од европските институции и воедно му се заблагодари на известувачот Ховит за посветеноста и ангажираноста на Европскиот Парламент во контекст на продолжување на напредокот.

Премиерот Груевски потенцираше дека државата активно работи на подобрување на процесите и исполнување на нотираните забелешки во последниот извештај на Европската Комисија посочувајќи дека Република Македонија останува целосно подготвена да премине во следната фаза од пристапниот процес. Премиерот Груевски го информираше  Ховит и за активностите и мерките кои се превземаат на полето на економијата, инвестициските вложувања и поттикнување на трговската размена.

Груевски ја изрази отвореноста и подготвеноста на македонската страна да разговара за надминување на единствената пречка во евроатланските интеграции на државата спорот за името, притоа додавајќи дека е корисна и добредојдена ангажираноста и поддршката на Европската Унија и сите оние кои активно може да придонесат во изнаоѓање на прифатливо решение.

Ричард Ховит го поздрави напредокот на Македонија, како и мерките кои се превземаат за исполнување на критериумите на планот на евроинтеграциите, изјавувајќи дека треба да се продолжи со нивната доследна имплементација следејќи ги препораките кои се добиваат за нивно ефикасно реализирање. Тој ја нагласи поддршката која Македонија ја има од Европскиот Парламент за надминување на предизвиците потенцирајќи дека е потребно да се искористат сите прилики кои би довеле до решение на единствената пречка за интегративните процеси на државата, спорот со името.

Соговорниците изразија подготвеност за продолжување на соработката со Европскиот Парламент и доследно следење на активностите кои се од значење за интеграцијата на државата во Европската Унија.