Македонија

Интервју на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за Курир.мк Груевски: И официјално Македонија доби режим

Груевски: И официјално Македонија доби режим

И официјално Република Македонија доби режим, откако луѓе кои влегле во парламент со државни знамиња и пееле песни а не убивале се прогласени за терористи, вели меѓу другото претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервјуто од петокот за порталот Курир.мк.

По неколку месеци, кога видовме дека се ослободуваат голем број осудени лица за криминал, кога се најави и закон за амнестија со кој ќе се амнестираат над илјада затвореници, меѓу кои голем дел за нанесување тешки телесни повреди, стана јасно дека имаме селективна правда во земјата спроведувана од оваа власт, и кога веќе е така, добро е да се направи едно сеопшто помирување, со закон да се ослободат од кривично гонење овие лица кои влегоа во парламентот, и во земјата да се фокусираме на напредок и реформи наместо на заглавеност во минатото, истакнува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во интервју за КУРИР, говорејќи за протестите кои ги организира партијата поради притварањето на 36 лица за кои се покрена истрага за тероризам за настаните во парламентот на 27-ми април оваа година, како и за следните чекори на ВМРО-ДПМНЕ.

„За сите следни чекори одлучуваме заеднички во партијата. Имаме и секојдневни средби и на пратеничката група. Но јасно е дека станува збор за конструкција од највисок ранг. Влегувањето во парламентот и особено употребата на физичка сила беше грешка и јас бев прв политичар кој јавно, најпрвин преку социјалните мрежи повика на смирување а потоа и на прес-конференција го осуди тоа. Од друга страна, јасно е дека тоа беше реакција на акција, односно реакција на нелегалниот избор на претседател на парламентот, се чини намерно темпирана во време кога пред парламентот се одвиваа едночасовните протести на граѓаните, кои сѐ до тој момент цели 60 дена беа мирни и без најмал инцидент. Луѓето, кои беа испровоцирани и кои влегоа веројатно мислеа дека со тоа ќе помогнат на државата, а всушност водени од емоции наседнаа на нечија стапица. Тие влегоа од патриотски побуди. По неколку месеци кога видовме дека се ослободуваат голем број осудени за криминал лица, кога се најави и закон за амнестија со кој ќе се амнестираат над 1000 затвореници меѓу кои голем дел за нанесување тешки телесни повреди, стана јасно дека имаме селективна правда во земјата спроведувана од оваа власт, и кога веќе е така, добро е да се направи едно сеопшто помирување, со закон да се ослободат од кривично гонење овие лица кои влегоа во парламентот, и во земјата да се фокусираме на напредок и реформи наместо на заглавеност во минатото. Всушност такви закони се носеле и во минатото и тоа од сите партии“, истакнува Груевски.

Оваа акција на МВР и обвинителството, според него, е класичен политички и партиски реваншизам од СДСМ кон ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата.

„Прво, на настанот му се даде правна неоснована квалификација – тероризам, дело за кое е предвидена казна затвор од 10 години затвор па до доживотен затвор. За 6 пратеници се побара симнување на нивниот имунитет, затоа што обвинителството побара притвор. Брутално, драконски, незаконски, нереално и нечовечки“, посочува Груевски.

„Со овој чин, и официјално Македонија доби режим. Се притворија луѓе уметници, актери, режисери, оперски пејачи, архитекти, кои оружје како емитација можеби виделе само во театарска престава или филм, а добија квалификација на терористи. Апсурд. Поранешниот министер за внатрешни работи се стави во притвор со луѓе опасни по неговиот живот, и со претрпен инфаркт и операција на срцето направена пред 3 месеци.Заедно со него притворени се и некои негови соработници и професионалци од полицијата кои неприфатиле да прават лажни записници и да даваат лажни изјави. Безмилосно. Целосно лудило. Во притвор се секретарки и вработени во собранието кои се теретат дека со некаква мимика или гестикулација станале терористи. И сето тоа 7 месеци по настанот. Ако сакале да избегаат имале доволно време. Ако сакале да влијаат на сведоци, исто така доволно време. Не можат да го повторат делото, кое и не постои, условно го кажувам тоа, затоа што ова се трите услови за одредување притвор“, продолжува лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Всушност, вели Грувски, најголем дел од овие луѓе не само што нетреба да добијат притвор туку не треба ни да се обвинети или осомничени.

„Пратениците биле на своите работни места во парламентот, а не со бомби или пушки во рака. Директорот за јавна бзбедност Митко Чавков е повикан на одговорност, а министерот не. Луѓе кои влегле во парламентот со државни знамиња на Македонија и кои пееле песни, а не убивале се прогласени за терористи. Тешки апсурди“, заклучува Груевски.