Груевски: И во 2003-та имаше незадоволни членови блиски соработници, па формирав нов тим

Интересно е што и во 2003-тата кога станав претседател во опозиција, најголем дел од блиските соработници оддеднаш се налутија, се раскараа и ја доведоа во незавидна ситуација партијата, па бев принуден излегувајки од таа битка како победник, да формирам нов тим со целосно неискусни но стабилни, храбри и одлучни луѓе за да дојдеме до успехот и победата, рече Никола Груевски на Конгресот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Се сеќавам кога во мај 2003тата на конгресот во Охрид, бев за прв пат избран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. И тогаш бевме во опозиција, за многумина се личеше безнадежно, вклучувајки ме и мене како нов претседател. СДСМ исто како и денес, беше веќе 7 месеци на власт на која дојде со убедлива победа со речиси двојно повеќе пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Исто како и денес, ништо конретно не работеше во тие 7 месеци, освен што секојдневно апсеше членови и  функционери на ВМРО-ДПМНЕ, и секојдневно им фабрикуваше афери. За разлика од денес, предноста која тогаш анкетите ја покажуваа во нивна корист беше со соодност три и пол на еден во нивна корист, споредено со денес кога ако се тргнат ефектите од масовното поткупување на изборите, притисоците, уцените и заплашувањата, подршката е приближно на изедначено ниво. Економијата тонеше, слично како што тоне и денес. Реформи немаше, исто како што нема ни денес. Нови проекти, домашни или странски инвестиции немаше, само слушавме ветувања како ќе биде подобро, дека ќе влеземе во ЕУ и НАТО, а додека тоа го продаваа на народот, и додека сами себе се прикажуваа како чесни и големи борци против криминалот, паралелно корупцијата и криминалот завземаа димензии како во времето на деведесетите кога цели 6 години беа на власт и кога ги имавме легендарните шверцови на нафта со кршењето на ембаргото, ТАТ, итн. И денес е слично.Зборуваат секој ден дека ќе ја искоренат корупцијата и криминалот, а криминалот и корупцијата растат, токму потикнати од нив, рече Груевски.

По почетната еуфорија и големи очекувања, рече Груевски, кај народот беше почнала фазата на спласнување на еуфоријата на големи очекувања, а иселувањето од земјата се беше интензивирало, исто како и денес.

Ние како партија во тој момент сеуште не изгледавме како алтернатива на власта, и многумина мислеа, многу повеќе од денес, дека ВМРО-ДПМНЕ веќе никогаш нема да се врати на власт. Бркаа од работа во администарцијата, казнуваа и деградираа, се изживуваа со секојдневните апсења и ги шетаа луѓето со лисици за да ги понижат, притворот го беа претвориле во лична и партиска политичка одмазда но и средство за дефокусирање на секоја непопуларна мерка која ја воведуваа, со цел народот да не се занимава со качувањето на даноците, пoкачувањето на цената на струјата, невработеноста и сиромаштијата, ниту пак со безидејноста на новата власт, и не ни помислуваа дека со секој таков потег колку и краткорочно да им личеше дека им ја пролонгира неоснованата популарност, само го забрзуваше денот на нивното паѓање од власт и одење во длабока опозиција цели 11 години,… а ќе беше и подолго ако не добиеја несекојдневна помош поврзана со откажување од националните интереси. Беа исто толку надувани, собендисани, арогантни и убедени во долго владеење, како и денес. На ВМРО-ДПМНЕ гледа како на завршена приказна, и партија со која можат да прават што сакаат, бидејки покрај  и судството и обвинителството беа целосно под нивна контрола, и мислеа дека се семоќни а народот само им е инструмент за манипулација за да ги одржува на власт. Се сеќавам како во централниот штаб никој многу малку луѓе влегуваа со месеци, беше како фирма во стечај. Луѓето беа исплашени до бескрај, рече Груевски.

Еднаш пред влезот во зградата во Капиштец каде што живеев, раскажува Груевски, сретнав еден мој соработник од министерството за финасии, и куртоазно го прашав како е, и како оди во министерството.

Човекот за миг пребледе, погледна на лево, па на десно, па нагоре кон спратовите, па дури одкако се обезбеди дека никој не го слуша, со шепотење ми кажа: Катастрофа!Ништо не се работи! Само млатење празна слама! Го одминав брзо за да не ми колабира од страв, ако случајно некој помине и го виде како разговара со мене, и повторно го констатирав она што веќе го знаев: кај СДСМ некои луѓе се менуваат, некои остануваат исти, ама матрицата не се менува. Доаѓањето на власт заради власт, безидејноста и неработењето, склоноста кон криминал и одмаздољубие кон политичкиот противник до најжестоки граници секогаш останува ист. Константа. Тоа беше период кога тие веруваа дека ако ги осудат и изпозатворат најголем дел од претходната власт, ќе нема кој да се погрижи за нивниот криминал. Да навистина многу луѓе од ВМРО-ДПМНЕ во тој период дадоа лична жртва со многу понижувања, губење на здравјето, и затворања, ама Бог се погрижи уште еднаш да покаже дека кога гневот и омразата го водат некого во животот, лошо завршува, изјави Груевски.

И има уште две големи сличности тогаш и денес, нагласи Груевски.

И тогаш и сега, бевме опозиција во време кога СДСМ имаше контрола над најголем дел од медиумите. Би рекол тогаш и повеќе, бидејки имаше многу прес конференции на партијата, на која не ни доаѓаше ниту еден медиум или ќе дојдеше само еден или два, и често ниту еден медиум не ја пренесуваше таа прес конференција. Второ, најмалку две, а можеби и три  години СДСМ неоправдано имаа сериозна би рекол и заштитничка  наклоност на меѓународниот фактор, заради тоа што завршуваа работа во тоа време со спроведување на ОРД, и се ценеше дека е добро да се штитат и да не се санкционираат од надворешниот фактор, бидејки се корисни во тој момент, додека се заврши работата што беше зацртана. Така е и денес. Еве ги, почнаа со договорот со источниот сосед, кого го прифатија без преговори и безпоговорно, сега се фокусираат на договорот со јужниот сосед, а наскоро се спремаат да го направат она што пред седум месеци целата јавност ја убедуваа дека нема шанса тоа да го направат, а тоа е да донесат неуставен закон со кој ќе се воведе двојазичност во Македонија, изјави Груевски.

И така забревтани, неосновано самоуверени, арогантни, гледајки од висина кон нас, рече Груевски, дремеа по кафани и пребројуваа тендери, се ситеа на секој уапсен и понижен вмровец, се тепаа за поголема власт во нивните редови, а економијата тонеше, народот осиромашуваше и се помалку се надеваше на оние за кои гласаа масовно на изборите во 2002-та верувајки во нивната приказна со која прилично убедливо ветуваа многу подобар живот, правда и еднаквост.

„Во тој момент, не ни сонуваа дека за само 10 месеци ќе мораат со помош на албанскиот коалиционен партнер во владата да ги фалсификуваат претседателските избори за да не им се случи крах, не ни сонуваа дека за плус уште една година подоцна ќе загубат на локалните избори, и дека уште за една година народот на клоци ќе ги исфрли од власта и ќе го врати енергетизираното ВМРО-ДПМНЕ, и тоа цели 11 години, за да мора потоа однадвор некој да ги враќа на власт, оти сами со својата неспособност уште долго немаше да ја вратат довербата на народот, рече Груевски.

Груевски рече дека во изминатите години се вложив целиот и сето мое време, сила и енергија, за партијата и за државата.

„Јас сум водач на партијата цели 14 и пол години, во кои имавме 10 изборни победи по ред и еден пораз под околности кои беа далеку од регуларни. Во овие години на успеси и напредок, се вложив целиот и сето мое време, сила и енергија, за партијата и за државата, одкажувајки се од слободното време и од многу животни попријатни можности, запоставувајки го семејството и моите деца, изложувајки се енормно на многу стресови, клевети, навреди, омаловажувања и непријатности, но останав цврст и стабилен и при најтешките удари, и тешко ми паѓа кога преку ноќ ќе видам вакво однесување на мои блиски соработници во ситуација кога, како и сите ние се наоѓаат под притисок“, додаде.

Денеска сме собрани на овој конгрес на партијата, со кој ВМРО-ДПМНЕ го започнува новиот поход кон победата, кон новата победа и враќањето на власт во Република Македонија, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на Конгресот на кој се избира негов наследник.

„Тоа е она што ВМРО-ДПМНЕ го имаше цели 11 години, во кои успешно и со огромен напредок ја движеше Македонија, со бројни успеси резултати. Тоа е она што народот повторно ни го даде на последните парламентарни избори со победата над СДСМ пред една година, но за жал месец и половина подоцна ни беше неправично одземено, и беше погазена вољата на народот, рече Груевски.

Груевски рече дека жали што конгресот се случува во вакви емотивни и невообичаени околности кога нашата партија е истовремено нападната однадвор, но и под внатрешен притисок и неразбирлива реакција од наши членови со кои до пред една недела делевме добро и зло и не слутевме дека по неколку дена нема да го препознаеме нивното однесување.

„Јас сум водач на партијата цели 14 и пол години, во кои имавме 10 изборни победи по ред и еден пораз под околности кои беа далеку од регуларни. Во овие години на успеси и напредок, се вложив целиот и сето мое време, сила и енергија, за партијата и за државата, одкажувајки се од слободното време и од многу животни попријатни можности, запоставувајки го семејството и моите деца, изложувајки се енормно на многу стресови, клевети, навреди, омаловажувања и непријатности, но останав цврст и стабилен и при најтешките удари, и тешко ми паѓа кога преку ноќ ќе видам вакво однесување на мои блиски соработници во ситуација кога, како и сите ние се наоѓаат под притисок. А ова е таков период“, рече Груевски.