Груевски: Илинден е една од водечките општини по бројот на домашни и странски инвеститор

дуи

Премиерот Никола Груевски денеска во рамки на посетата на општина Илинден направи увид на градежните активности за изградба на нов објект за амбуланта во населеното место Миладиновци и реконструкција на основното училиште „Браќа Миладиновци“.

Тој потсети дека изминатиов месец е почната изградбата на новата амбуланта во Миладиновци која ќе обезбеди две нови ординации за општа медицина, стоматолошка ординација, просторија за вакцинација, просторија за интервенција, лабораторија и аптека.

Паралелно, рече Груевски, обезбедивме и државно земјиште во централниот дел на општината на кое, како што најави, во наредниот период ќе се гради дом за стари лица во Илинден, а во непосредна близина оваа година планирано е да почне да се гради и здравствен дом поликлиника во населбата Илинден.

Проект од големо значење, оцени премиерот Груевски, е и изградбата на модуларното училиште кое по долги години, посочи, го реши проблемот со просторните услови за основното училиште, но и овозможи воведување средно образование во општината Илинден.

Имаме издвоено четири милиони денари со кои во моментов се реконструира покривот на ОУ „Браќа Миладиновци“. Исто така, еден од најновите проекти во Илинден е и проширувањето на капацитетот на детската градинка „Гоце Делчев“. Ова е уште еден од проектите кој го реализираме заедно со Општина Илинден и со кој ќе се изгради нов дел на градинката со површина од 650 метри квадратни и со тоа ќе се зголеми капацитетот за нови 120 деца, појасни Груевски.

Од сите области на кои секојдневно работиме, додаде, едно од најважните е отворањето нови работни места и привлекување нови инвеститори.

На ова поле исклучиво ми е драго што можам да констатирам дека во изминатиот период општина Илинден прерасна во една од водечките општини по бројот на домашни и странски инвеститори во Македонија. Ваквата состојба, пред се, се должи на промоцијата на Владата на РМ за привлекување нови инвеститори, но и на условите кои ги нуди самата општина, истакна Груевски.

Во последните 10 години во локалните економски зони во Илинден, укажа премиерот, успешно се остварени над 160 инвестиции, од кои 30 странски. Оваа есен, рече тој, очекуваме да се пушти во употреба новата фабрика за производство на кондиторски производи, а во наредниот период и повеќе други објекти и фабрики кои се градат.

Новите капацитети значат и нови работни места во Илинден. Како податок би истакнал дека во 2008 година невработеноста во Илинден изнесуваше 38 проценти од населението, додека на крајот на изминатата година овој процент е повеќе од двојно намален и денес изнесува околу 15 проценти од населението. Со новите инвестиции очекуваме процентот и понатаму да се намалува, изјави Груевски и додаде дека дополнително намалување на невработеноста има и преку проектот „Македонија вработува“.

Со многу работа, со многу труд и со многу проекти, потенцира премиерот Груевски, продолжуваме и во иднина.

Во делот на патната инфраструктура во Илинден изградени се три локални патни правци во вкупна должина од 5,72 километри и вкупна инвестиција од 27.971.766 денари и тоа локалниот пат од село Ајватовци до село Мршевци во должина од 3,90 километри, локалниот пат Илинден-Хиподром 1,42 километри и локалниот пат Илинден-Пуста Кула. Извршена е и реконструкција на регионалниот пат од Илинден до мостот Калуѓерец во должина од 35,5 километри и вредност 191,5 милиони денари.

Според претседателот на Владата, благодарение на добрата соработка со општината досега се реализирани многу проекти кои се од големо значење за граѓаните во општина Илинден.

Такви проекти се реконструкцијата на патот Кадино – Миладиновци, изградбата на локалниот пат од Дељадровци до манастирот „Св. Ѓорѓија“, а од огромно значење за општината, како што рече, е и изградбата на новиот автопат Миладиновци-Свети Николе-Штип, кој е во полн ек и ќе има голема улога за развој на локалната економија во Илинден.

Премиерот Груевски потсети дека е изградена и новата спортска сала и четирите тениски игралишта во образовно-спортскиот центар „Илинден Марино“, а инвестирано е и во двете фудбалски игралишта во Марино и во Кадино, додека повеќенаменско спортско игралиште е изградено во Илинден.

Еден од најновите проекти во општина Илинден, подвлече тој, е проектот „За енергетска ефикасност во јавните општински установи: ОУ „Гоце Делчев“, детската градинка и Домот на културата „Илинден“.