Груевски им го четита Велигден на католиците во земјава

По повод христијанскиот празник Велигден, претседателот на Владата, Никола Груевски, упати честитка до Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх, Киро Стојанов и до сите верници од католичка вероисповед.

„Овој ден, кој е од Бога создаден, е ден на радоста. Велигден е празник кога се слави добрината, човекољубието и ја симболизира солидарноста и толеранцијата. Ова се вредности кои се универзални и потребни насекаде и во полза на секому. Затоа Велигден е празник кој во себе ги содржи овие принципи и вредности и токму затоа неговата важност е голема и значајна. Саможртвата на нашиот Бог не учи дека праведноста, чесноста и вербата се работи кои не придвижуваат напред, истрајноста и држењето до тие принципи е она што носи развој и просперитет. Јас верувам дека сите ние како христијани, ќе продолжиме да го следиме тој пат, ќе продолжиме да ги шириме христијанските вредности, љубовта, толеранцијата и соживотот помеѓу луѓето“, се посочува во честитката од Груевски.