Груевски: Имам одговорност да излезам на терен и да помогнам (ВИДЕО)

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој денеска беше гостин во Вестите на ТВ Сител, истакна дека веќе почнува да се обновува инфраструктурата во погодените места од саботното катастрофално невреме.

-Од посетите на населените места, на пример вчера бев во Страчинци, таму кога отидов првиот ден, во понеделникот, состојбата беше ужасна. Патиштата беа претворени во реки, во места кои што повеќе изгледаат на планини претрупани со камења, со дрва, со отпад, со земја и не можеше да се помине и да се дојде до некоја куќа. Во ужасна ситуација го напуштивме населеното место Страчинци. Три дена покасно, вчера кога отидов видов дека веќе патот е расчистен, на одредени места стои асфалтот, на одредени места не стои, но денеска почна тампонирањето на делови од патот, веќе се движат возила.

Состојбата покрај во Страчинци, се подобрува и во населените места Црешево, Смилковци, Раштански пат…

-Слично е и во Црешево, патот беше целосно руиниран асфалтот на одредени делови отфрлен неколку метри надвор од патот, но и таму е веќе тампонирано. Тампониран е оној дел каде што имаше кратери, односно дупки од метар, два или повеќе. Слично и во Смилковци и во Раштански пат. Онаму каде главниот проблем беше инфраструктура веќе имаме нормална инфраструктура во смисла на проодност, за целосно асфалтирање ќе треба повеќе време. Но, веќе може да се движат возила. Се работи максимално, додаде Груевски.

Груевски рече дека секојдневно се работи на терен и огромен број на екипи помагаат во поплавените подрачја.

-Од она што го знам се прави масовно проценување, над 40 екипи на проценители работат на терен секојдневно, по цел ден. До вчера беа направени над 1200 проценки, а вчера 800, денес се очекува од прилика иста бројка. За неколку дена ќе заврши тој процес, веројатно во текот на следната недела и мислам дека владата направи одлична организација и максимален обид сето тоа побрзо да се заврши. Покрај директното работење на терен, 1200 пумпи за извлекување на водата, голем број на граѓани, војската, армијата и полицијата се тргнаа силно и со проценители кои очекуваме брзо да ја завршат својата работа за да може да им се помогне на граѓаните. Видов дека огромен број на луѓе немаат ништо, имаат загубено се. Буквално немаат ништо. Голема е помошта од многу граѓани, од Црвен крст, донатори и компании кои помогнаа во процесот и верувам дека додека заврши проценката и стигнат средства од државата ова е од голема помош за луѓето, истакна Груевски.

Груевски рече дека околу 3.000 луѓе- волонтери, војска и полиција се на терен, од кои најголем дел се и од ВМРО-ДПМНЕ, активисти и членови кои по повик на партијата и на општинските комитети заминаа таму и секојдневно се таму.

-Практично, ако се земат и огромен број на работници кои освен како волонтери дојдоа и преку одредени јавни претпријатија или на повик на градоначалници, организирани од наши градоначалници, веројатно над 70-80 проценти од луѓето кои во минатите денови помагаа беа наши членови и активисти. Се разбира имаше и други граѓани кои помагаа и на сите би сакал да им упатам јавна благодарност за сето тоа што го правеа во минатите денови и денеска и се надевам во наредните денови, додаде Груевски.

Тој потенцираше дека секогаш е спремен да излезе на терен и да им помогне на граѓаните кои имаат потреба од тоа.

-Прво ќе кажам дека ако не координирав и не излегов на терен, критиката ќе беше зошто не сум излегол и не сум помогнал. Ако излезам и помогнам, зошто сум излегол и помогнал. Тоа е секогаш така со нашата опозиција и со медиумите блиски до нив. Она што сакам да го истакнам е дека јас сум претседател на најголемата политичка партија во Република Македонија, којашто на последните избори доби 480.000 гласови. Во кампања и во избори кои лично ги предводев како претседател на таа партија и имам одговорност покрај тоа што имам искуство во вакви ситуации, да помогнам, да излезам на терен со сето мое знаење, капацитет и искуство што сум го стекнал досега, да не седам пасивен и да бидам тука со идеи и со предлози и со се што можам и на начин на којшто можам да помогнам. Се вклучив и директно, како и илјадници други луѓе на кои сум им благодарен за тоа што го прават и исто така изразувам огромна благодарност до компаниите кои помогнаа со механизација и разни машини. Се вклучи АРМ, полицијата на Република Македонија, градоначалниците со нивните комунални претпријатија, градот Скопје со комуналните претпријатија… широк опсег на помош од сите страни кој јас и моите соработници од ВМРО-ДПМНЕ се трудевме максимално да го поттикнеме, да ги мотивираме луѓето да излезат. Моето директно вклучување во расчистување на куќи, дворови и подруми беше и еден вид повик и другите да го прават тоа, изјави Груевски.

Во однос на барањето на опозицијата за оставка од Трајановски, Груевски рече дека Скопје има градоначалник којшто е човек од народот. Неговите претходници беа надмени, арогантни личности умислени сами во себе дека се некои големи величини и оддалечени од народот.

-За првпат Коце Трајановски покажа како треба да се соработува со народот, како треба да се биде на терен со народот, како да се сочувствува со неговите проблеми и на секаков начин да се помага. И како градоначалник, со средства, со сите расположливи капацитети на комуналните претпријатија и директно со присуство од најмалку 15 часа на терен дење и ноќе. Барањето за оставка на Коце Трајановски и најавата за скорешни протести од оние луѓе од таканаречената Шарена револуција само покажува дека СДСМ и во оваа ситуација максимално деструктивно се однесува. Освен одењето на терен само за сликање, земањето на лопата додека трае снимањето и така натаму, се останато е барање на начин како да се добијат политички поени и да се води негативна кампања која  продолжува од она што беше претходно. Тие водат крајно негативна и манипулативна кампања. Сега повторно го прават тоа и веројатно ќе биде така до изборите. Не очекувам драстична промена во однесувањето на СДСМ, тие од изборите 2014 до сега и веројатно во иднина ќе продолжи со негативна и манипулативна кампања со искривени информации, полуинформации, едитирани работи и така натаму. Лидерот на таа партија е човек кој покажа дека 99% од неговото делување е во деструкција и манипулации, лаги и интриги, рече Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.