Груевски: Имаме јасен победник и поразен, со јасни позиции во кампањата на двете за многу прашања, вклучително и за СЈО

дуи

Тогаш зошто ДУИ толку притиска за СЈО?

-Затоа што според моите информации, што не ги добив од ДУИ туку од други заеднички пријатели, некој и нив ги притиска. Како што ги притискаа и нив и ДПА и на преговорите во јуни-јули 2015 да н` информираат дека ако не се поддржело основањето на СЈО, едните ќе излегле од владата, а вторите немало да влезат, што во тој момент ќе создадеше лимбо-ситуација за земјата и долгорочна заглавеност во кризата без да можеме да излезе на избори и да го потврдиме нашиот легитимитет, што сега веќе не е случај. Сега бевме на избори, кои никој не ги оспорува, и имаме нов легитимитет. Имаме јасен победник и поразен, со јасни позиции во кампањата на двете за многу прашања, вклучително и за СЈО.

Добро, а ќе ги кажете ли тие за кои велите дека имате информации дека вршат притисок врз ДУИ?

-Не треба јас да ги кажувам. Но можно е брзо сами да си се кажат. Сега тераат подзатскриено.

Морам да забележам дека некои работи не ги кажувате отворено.

– Како за политичар со ваква функција, во држава со ваква големина и моќ, кажувам повеќе од отворено и доволно. Јас не сум ни новинар, ни слободен аналитичар, ни поранешен или пензиониран политичар. Кажаното од мене, со мојата функција и актуелност на врвот на државната политика, може да донесе проблеми и последици на цела држава и јас морам одговорно да се однесувам и точно да проценам што и во кое време можам да го кажам и до каде, без да предизвикам проблеми за земјата и за сите во неа.

Да се вратиме на платформата на албанските партии. Едно од барањата, кое е од поодамна, е и повеќе пари за Албанците од буџетот на Македонија, сметајќи дека повеќе придонесуваат отколку што добиваат?

-Тоа е тема што тешко може кратко во едно вакво интервју да се објасни. Треба поголем простор за дебата. Но ќе нафрлам нешто. Некако можеби и може да се утврди кој колку придонесува во буџетот, иако нема да е лесно да се дефинираат кри- териумите и тоа ќе трае многу долго. Ако некој сака да почнеме таква постапка, јас сум за, само да нема каење потоа, откако ќе ги добиеме резултатите.

Но нека ми одговори некој како ќе пресметаме на кого се трошат парите кога ќе се гради автопат од Гостивар до Кичево или клинички центар во Скопје или кога станува збор за опрема за клиниката во Тетово итн. колку ќе се припише дека оди за Македонците, а колку за Албанците или Турците или останатите. Или пречистителна станица во Гостивар, чистење на каналите во Полог, колку ќе се припише дека е инвестиција за Македонците инвестиција, а колку за Албанците и по кој критериум. Што правиме со новите возови, градските автобуси во Скопје, трошоците за амбасадите во странство, авионите за гасење пожари, Македонската филхармонија, чистењето на коритата на реките, новите гасоводи… Ќе се заплеткаме во бескрајни математики и расправии.

 

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.