Груевски: Институциите ќе делуваат решително и одлучно на провокациите

Премиерот Никола Груевски од денешниот наоден собир во Охрид порача дека настанот во Гошинце е сериозен и додаде дека идентитетот на учесниците веќе е познат на нашите институции, како и дека се известени меѓународната заедница и институциите во Косово.

-Предизвици на овој план веројатно ќе продолжат, ова не смее да се става во дневно политички контекст. Ги гледам кукавичките јајца снесени од опозицијата демек ние стоиме зад тоа и да ви кажам искрено ми се гади од таа антидржавна реторика и од целиот тој ланец на настани, што не е ни чудно што многумина ги потсетува со оној од 2001вата. Но сакам да им порачам една работа на сите инволвирани, ова не е 2001ва, институциите ќе делуваат решително и одлучно во рамки на своите надлежности, а потпалувачите од 5тата колона треба максимално одговорно да се постават во случајов зашто ова веќе не е дневна политика и нивните глупости, напади, закани и однесувања за овој случај имаат еден друг контекст. Ова е сериозна работа и во прашање е државата, рече Груевски.

Изјавите на лидерот на опозицијата на неговата последна прес конференција во врска со овој настан ќе ги земам како израз на неговиот капацитет, но и неинформираност и ќе апелирам на воздржаност, ако воопшто е можна кај овие луѓе, затоа што воопшто не е наивна ова работа и без разлика на личните моменти, омразата која ја имаат, фрустрации, комплекси кај опозицијата, за ова замолувам да се воздржат од шпекулации и да се надминат, заклучи премиерот.