Груевски: Интервентната кардиологија во Македонија стана референтна за земјите од регионот

Интервентната кардиологија во Македонија може да се каже дека во изминативе години напредуваше со добро темпо и служи како референтна за многу земји во регионот.

Ова го истакна премиерот Никола Груевски вечерва во своето обраќање на свеченото отворање на 5-тиот Македонски конгрес по кардиологија.

Пред доктори од Македонија и од 26 земји од светот Груевски говореше за дел од реформите во Македонија кои го издигнаа македонскиот здравствен систем на едно повисоко ниво.

-Во рамките на големата набавка на нова и најсовремена медицинска опрема за здравствените установи, во изминатите години вложивме напори да се набават повеќе нови ангиографи и дополнителна опрема потребна за развој и ширење на кардиолошката мрежа во државата. Благодарение на овој капитален проект набавивме 5 нови ангиографи распределени во Штип, Битола, Струмица, Тетово и Охрид, со што овозможивме овие градови, покрај главниот град Скопје, да се развиваат како регионалнио центри за интервентна кардиологија, истакна Груевски.

Тој потенцира дека овие реформи ја покажуваат заложбата и фокусот на Владата, да се развие и прошири кардиолошката мрежа во земјава, се со цел да има квалитетни, безбедни и навремени интервенции, што поблиску до граѓаните и во сите делови на земјава.

Премиерот ги информираше присутните за силните заложби на македонската Влада и значењето од размената на знаења и искуства меѓу македонските доктори и нивните колеги од високоразвиените држави.

-Благодарение на ваквиот пристап, изминатиов период голем број доктори и медицински персонал се обучуваа во некои од светските здравствени центри. Оваа година 500, а следната година 1000 лица од Македонија ќе одат на обука во странство. Сериозноста на нашите намери се потврдува и преку мерката со која ваквите обуки ги внесовме како законска обврска за персоналот, чии трошоци ќе бидат целосно покриени од државата, а лицата кои биле на обука ќе имаат зголемена плата и повеќе други бенефиции, истакна премиерот Груевски.

Кардиологот Сашко Кедев посочи дека кардиоваскуларните заболувања се уште се убиецот број 1 во земјата и светот. Тој потенцира дека покрај крупните чекори на Македонската Влада и силниот развој на овој сектор, за сите надлежни фокусот е во индивидуалниот пациент.

Зад организација на овој настан кој има огромно значење застана Алкалоид.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.