Македонија,Економија

Груевски: Инвестирањето во Македонија е исплатливо

Груевски: Инвестирањето во Македонија е исплатливо

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и членовите на владината делегација, денеска во Мерсин, Република Турција присуствуваа и се обратија на бизнис форум за презентација на поволностите кои ги нуди Република Македонија за реализација на странски инвестиции.

Премиерот Груевски им порача на турските инвеститори кои размислуваат за нивно проширување и за инвестиции надвор од Турција, кои бараат пазари кои нудат ниски трошоци за правење на бизнис и добро образована работна сила, пазари кои што се поблиски до Европа и имаат одлична бизнис клима, дека во Македонија ќе го најдат тоа и ќе најдат влада која е пријателски расположена кон бизнисот.

Груевски истакна дека Македонија инвестира во изградба на технолошки индустриски развојни зони, во кои инвеститорите во првите 10 години немаат обврска за плаќање персонален данок на доход и данок на добивка.

-Досега се изградени четири технолошко – индустриски развојни зони, во тек на градба се уште седум, а ќе започнат да се градат уште три, што значи дека до крајот на наредната година очекуваме да имаме четиринаесет слободни економски зони, истакна Груевски.

Македонскиот премиер посочи дека во Република Македонија веќе функционираат повеќе странски инвеститори и тие се задоволни од условите за работа и инвестициската клима, меѓу кои се присутни и функционираат и турски компании.

-ТАВ имаат концесија на македонските аеродроми, и вложија над 100 милиони евра на скопскиот и охридскиот аеродром. Банката Халк е една од најдинамичните банки во Македонија и го поддржува бизнисот. Во делот на здравствениот сектор присутна е Аџибадем, компанијата Суташ купи млекара и постојано се развива. Коч изгради ланец на трговски центри, Џеваир Холдинг гради четири огромни висококатници во Скопје, а компанијата Лимак најавува изградба на станбен и бизнис комплекс”-, изјави Груевски.

Тој посочи дека освен турските огромен број на големи компании од светот ја одбраа Македонија за своја бизнис дестинација и дека некои од нив не само што ја одбраа за својата прва, туку отпочнаа со својата втора инвестиција во државата, а размислуваат и за трета.

-Џонсон Контролс од САД изградија една фабрика за автоделови, а потоа уште една. Џонсон Мети изгради една, а веднаш потоа уште една фабрика во Македонија. Текнохозе од Италија фабрика за машински делови и хидраулика изгради една, а сега гради уште една фабрика четири пати поголема од првата фабрика. Ванхул од Белгија изгради огромна фабрика за производство на автобуси кои ги извезува во Америка и помал дел во Европа. Кемет електроникс од Америка изгради фабрика за чипови од автомобилската индустрија. Протек груп најголемата компанија од фармацевтската индустрија од Русија изгради фабрика во Македонија, а најавуваат градба и на втора. Дрекселмаер од Германија изгради фабрика, изјави премиерот Груевски, кој додаде дека освен овие инвеститори кои веќе работат во Македонија, постојат и повеќе други компании од различни држави кои во последниот период објавија дека ќе инвестираат во Македонија.

Министерот без ресор задолжен за привлекување на странски инвестиции, Фуркан Чако изјави дека Мерсин е најголемиот трговски центар во Турција во источно медитеранскиот регион, и остварувањето на бизнис соработка со Македонија би било од интерес за двете страни.

-Овде има големи мултинационални компании чиј капитал и искуства сакаме ние како Влада да ги пренесеме во Македонија, изјави министерот Чако.

Заменик директорот на Агенцијата за странски инвестиции и поттикнување на извозот, Климент Шекеровски посочи дека пример за добра соработка е таа со комората на градот Ескишехир каде македонската владина делегација во вторник имаше бизнис форум.

-Веќе вчера, после два дена од форумот, дваесетина бизнис компании од комората од Ескишехир пристигнаа во Република Македонија, и организиравме бизнис средби каде ги презентиравме детално инвестициската клима и условите за инвестирање во нивната сфера на бизнисот, изјави Шекеровски.

Деха Девели, кој е директор на компанијата Девели Груп, која има повеќе бизниси од сферата на туризмот, градежништвото и земјоделието, ја разгледува можноста за инвестирање во Република Македонија. Тој изјави дека инвестирањето во Македонија е исплатливо.

„Многу лесно се стигнува до властите и можете да ги контактирате и да комуницирате со нив и може да ви помогнат. Планираме да инвестираме во туризмот, можеме да изградиме неколку хотели, можеме да носиме туристи од тука во Македонија и обратно”, изјави Деха Девели.

Претседателот на индустриската трговска комора на Мерсин, Шерафетин Ашут во своето обраќање изјави дека му е исклучително задоволство што се домаќини на форум на кој се преставуваат инвестициските можности на Република Македонија што е важен настан за економијата и за зајакнување на економските врски меѓу компаниите на Мерсин и македонскиот пазар. Тој истакна дека Мерсин поседува брзо растечка економија, со повеќе развојни сектори како што е туризмот, земјоделската и прехранбената индустрија, и спаѓа во првите десет региони во Турција по обемот на извозот. Ашут истакна дека Македонија е пријател на Турција, и таа треба да биде првата дестинација доколку инвеститорите од Мерсин планираат да инвестираат на странските пазари.