Груевски: Исусовото крштевање е симбол на духовното раѓање и почеток на човековото живеење во верата

Премиерот Никола Груевски упати честитка  по повод големиот христијански празник Богојавление- Водици.

Честитката интегрално ви ја пренесуваме:

Овој ден со сета своја духовност, значење и вековни традиции, од секогаш претставувал еден од најубавите и најрадосни празници во македонското православие. Исусовото крштевање е симбол на духовното раѓање и почеток на човековото живеење во верата и богоугодниот пат. Симболиката на овој празник секоја година одново и одново не зацврстува во верата и не поттикнува да го негуваме и шириме учењето Христово за мирен и спокоен живот, за покајание и прочистување, за трпение и дарување, за вредности и принципи важни за човековото живеење.

Како што тоа било векови наназад, така и оваа година, масовно и бериќетно, во радост и среќа да го прославиме овој голем празник, со семејството и ближните, споделувајќи ги вредностите на кои не учи нашата вера, меѓусебното почитување и разбирање, трпеливоста и мудроста. Само така возможен е напредок и развој, обединување и единство.