Груевски: Иванов се бори за државните интереси, се бори за народот

Ѓорге Иванов е човек за кој што никој веќе не може да каже дека не го познава или дека немал прилика да ги види неговите карактеристики, неговото работење, посветеноста, одговорноста. Иванов, 5 години е на чело на Македонија и на чело на Армијата како командант на врховните сили. Иванов во изминатите пет години покажа како треба да се биде претседател, како треба да се бранат државните и националните интереси насекаде во светот и во земјата.

Ова го истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на митингот во Штип, на кој побара поддршка за претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов и за реализација на програмата на партијата на претстојните претседателски и парламентарни избори.

-Иванов достојно ја претставуваше Македонија насекаде, беше многу активен, многу борбен. Секаде се бореше и стигнуваше да лобира за Македонија, во секое место, на секој настан, кај секоја значајна личност во светот која на некој начин може да влијае на иднината на Македонија. Кога беше потребно, Ѓорге Иванов беше во Америка, кога беше потребно беше во Русија, Кина, Германија, во Англија, насекаде онаму каде што можеше да и се помогне на Македонија, на македонскиот народ и на сите граѓани.

Груевски потенцираше дека Иванов не се штедеше и не се додворуваше никому.

-Него го интерсираше да и помогне на сопствената држава и народ. Нему државата му беше пред се, а државата е народот на Македонија, која пред пет години му ја даде довербата и во недела наутро повторно масовно ќе му ја даде довербата на Иванов, додаде Груевски.

Живееме во време на демократија, рече Груевски и време на слобода кога народот е тој што го избира за главните и суштински позиции, оној во кој што има најмногу доверба.

-Довербата не се добива со подаништво, довебата не се добива со вртење на грб на сопствениот народ, довербата се добива ако она што си му го ветил на народот го реализраш. Довербата се стекнува со искрен приод кон граѓаните. Довербата се добива со исполнување на ветеното, со борба и надвор од Македонија и внатре. Со присуство меѓу граѓаните од првиот до последниот ден на мандатот. Таков човек беше Ѓорге Иванов и затоа тој ќе биде претседателот кој што повторно ќе ја добие довербата, потенцираше Груевски.

Тој покажа, посочи Груевски, како треба да изгледа еден претседател со својата стабилност, добра усмереност на целите кои што ги има зацртано, борба за остварување на тие цели. Тој покажа дека е зрел човек, стабилен.

Груевски истакна дека иако имало обиди за дестабилизација на Иванов со кои се обидувале да го отргнат од неговиот зацртан пат и паднале многу навреди сепак тој на тоа одговорил со работа, со борба за Македонија, со присуство меѓу народот и со враќање со добро секогаш и секаде каде што било можно.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.