Груевски: Иванов заслужува втор мандат

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот централен митинг одржан во Охрид истакна дека претседателот Ѓорге Иванов во рамките на неговите ингеренции работел напорно и одговорно за Македонија и сите граѓани, покажувајќи огромна активност, ангажираност, упорност во правец да ја оправда довербата на граѓаните, а пред се’ да и помогне на Македонија во државните и националните интереси.

Премиерот посочи дека мандатот на Иванов не се одвивал во лесно време, туку напротив во време на огромни економски кризи кои смениле многу работи, смениле погледи на многу нешта, ја направиле Европа поинаква.

Сепак, соработката меѓу Влaдaта и Иванов помогнала за надминување на економската криза и подобрување на македонската економија, нагласи Груевски.

„Тој цврство застана зад реформите на Владата, без попречување, туку отворено да помогне, зошто знае дека помагајќи на тој план им помага на граѓаните. Многумина пред пет години велеа го поддржуваат оти нам ни веруваат, бидејќи незнаат каков ќе биде, но денес и ние кои ја баравме вашата поддршка за Иванов и самиот тој можеме со исправена глава да застанеме пред вас и да кажеме овој човек ја оправда довербата и заслужи втор мандат, таков човек и треба на Македонија“, потенцираше премиерот Груевски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека пет години подоцна, Иванов е претседател со големо искуство.