Груевски: Изготвивме системско решение за помош на лицата со ретки болести

Изготвивме системско решение, и по примерот на европските земји, со измени во Законот за акцизи, предвидуваме дополнителен еден денар по кутија купени цигари да се издвојува како средства исклучиво наменети за финансирање на лекување на ретките болести…

Ова е дел од тукушто објавен Фејсбук статус на премиерот Никола Груевски, како системско решение за помош на лекување на лицата со ретки болести во Република Македонија.

-Предизвикот со лекување на пациентите со ретки болести е светски предизвик. Иако погодуваат 1 на 2000 лица, сепак тие засегнуваат голем број на лица и семејства, имаат големо влијание на животот… Наша задача е да се трудиме да бараме начини за надминување на предизвикот, да дадеме поддршка на семејствата, заедно да се бориме за здравјето на нашите сограѓани. Наше е да најдеме начин на финансирање на таа борба, со соодветен обем и на соодветен начин. Изготвивме системско решение, и по примерот на европските земји, со измени во Законот за акцизи, предвидуваме дополнителен еден денар по кутија купени цигари да се издвојува како средства исклучиво наменети за финансирање на лекување на ретките болести, односно средства за третман лекување на лицата со ретки болести во Република Македонија. Проекциите се дека тие средства ќе изнесуваат околу 250 милиони денари годишно. Да продолжиме да се бориме заедно, борбата на секој еден наш сограѓанин е борба на сите нас, напиша Груевски.